Мацинка: Приоритет на Чешка е Северна Македонија што поскоро да стане членка на ЕУ

Република Чешка го поддржува членството на Северна Македонија во Европската Унија и е подготвена да направи сè што е потребно за земјава што поскоро да стане членка на Унијата, порача денеска заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
На пленарната средба во Вила „Охрид“ Мацинка нагласи дека членството на Северна Македонија во ЕУ е приоритет за Чешка и дека земјата е подготвена да го сподели сопственото искуство од пристапниот процес.
- Членството на Северна Македонија во Европската Унија е приоритет за Република Чешка. Тоа е во наш заеднички интерес, Европската Унија да се прошири со земјите коишто поминуваат низ пристапните преговори, токму на ваков начин како што тоа го прави вашата земја. Нашиот процес за пристапување не беше едноставен, траеше долго. Ние во текот на тој процес не ги направивме сите работи правилно, па имаме многу искуство коешто можеме да го споделиме, за да не ги повторувате грешките коишто ние ги направивме. Но, низ цело тоа време сакавме да ја промениме нашата земја за да биде членка на Европската Унија. Требаше да имаме некој однатре којшто може да зборува со ист јазик, којшто има ист поглед кон светот како нас, кој ги разбира работите во Европската Унија. Сега ние сме во ситуација кога сме членки на Европската Унија, но го уверувам министерот Муцунски и сите останати претставници на Северна Македонија дека ние сме навистина пријателска земја - нагласи Мацинка.
Чешкиот министер за надворешни работи порача дека Северна Македонија може да смета на Чешка како пријателска земја и дека Прага ја следи сложеноста на пристапниот процес на земјава.
- Но, морам да ве уверам дека е наша приоритетна цел да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија што е можно побргу и сме подготвени да направиме сè што ќе биде потребно. Тоа не е само битно за вас, туку и за нас - рече Мацинка.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, пак, истакна дека посетата се реализира во година во која земјава одбележува 35 години независност, а дипломатските односи со Чешка влегуваат во четвртата деценија.
- Оваа официјална посета се реализира во година кога одбележуваме 35 години од независноста на нашата држава, но и период кога влегуваме во четвртата деценија од воспоставување на дипломатските односи помеѓу нашите две земји. Во изминатите децении изградивме односи на искрено пријателство, меѓусебна доверба и партнерство. Денешната посета е токму тоа – потврда за јасна политичка волја ова партнерство не само да го одржуваме, туку да му дадеме нова содржина, рече Муцунски.
Тој посочи дека со чешкиот колега разговарале за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата, инвестициите, миграцијата, како и соработката во културата и образованието.
- Разговаравме за повеќе теми, меѓу кои за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата и инвестициите, миграцијата како тема, но и соработката во културата и образованието. На економски план постои значителен простор за повеќе. Чешката Република веќе се вбројува помеѓу нашите 15 најзначајни трговски партнери, но нашата амбиција е оваа соработка да ја подигнеме на уште повисоко ниво. Гледаме конкретни можности за транспорт и инфраструктура, енергетика, туризам, земјоделство и технолошки инвестиции - рече Муцунски.
Ја нагласи и поддршката од Чешка за европската перспектива на Северна Македонија.
- Чешка е многу важен европски и евроатлантски партнер на нашата држава. Особено ја цениме нејзината принципиелна и континуирана поддршка за европската перспектива на нашиот регион и за нашето полноправно членство во Европската Унија - рече Муцунски.
Во однос на европската интеграција, Муцунски, исто така, порача дека таа останува наша стратешка определба и дека земјава е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува процесот да биде кредибилен и предвидлив.
- За нас европската интеграција останува стратешка определба. Ние сме подготвени да ја завршиме нашата работа, да ги спроведеме реформите и да ги исполниме европските стандарди. Но истовремено сме јасни дека процесот мора да биде кредибилен и предвидлив и дека напредокот мора да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Во таа смисла, ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер и европски процес - рече Муцунски.
Тој нагласи дека реформите се спроведуваат пред сè за граѓаните и оти интеграцијата на Западен Балкан е значајна и од аспект на европската безбедност и стабилност.
- Реформите пред сè ги правиме за нашите граѓани. Тие треба да значат подобри институции, посилно владеење на правото, поконкурентна економија и повисок животен стандард. Но, кога една држава ги исполнува своите обврски, Европската Унија мора да биде подготвена да го препознае тоа и соодветно да го вреднува. Веруваме во Европа која носи одлуки и која ги исполнува своите ветувања и која разбира дека интеграцијата на Западниот Балкан денес не е само прашање на проширување, туку и прашање на европска безбедност, стабилност и геополитичка кредибилност - рече Муцунски.
Во разговорите биле опфатени и прашања поврзани со безбедноста, при што Муцунски истакна дека двете земји, како сојузници во НАТО, имаат заедничка одговорност за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и регионот.
- Како сојузници во НАТО, разговаравме за потребата од натамошно зајакнување на нашата соработка и координација, како и нашата заедничка одговорност за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста на Европа, но и на нашиот регион - рече Муцунски.
МИА
Ново на Сител
-

Десетгодишно дете прегазено во Градско, возачот избегал
-

Битолчанец возел мопед со 2,23 промили алкохол во крвта
-

Мацинка: Приоритет на Чешка е Северна Македонија што поскоро да стане членка на ЕУ
-

Четири смртни случаи, 36 потврдени и две веројатни случаи на западнонилска треска во државата
-

Јаневска: Рацете на политиката подалеку од образованието
-

Почнаа уписите на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, стандардно најголем интерес на Факултетот за медицински науки
-

Мацинка: Чешка сака да се надмине спорот меѓу Скопје и Софија и подготвена е да помогне
-

Аеродром добива второ основно училиште со целосно организирана едносменска настава
