Македонија
2. јуни 2023 - 16:31

Лидерската без датум и формат - За партиите тема за препукувања како предигра

Обвинувања без суштина во пресрет на лидерската средба, за која засега нема ниту датум, ниту пак е познато каде и во каков формат ќе се одржи. Извори за Сител велат дека можно е лидерската да биде во тимови.

Владејачката СДСМ вели дека државата сега е пред историска шанса за продолжување на европскиот пат. Но портпаролот на партијата, тврди дека првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се изјасни дали сака Македонија да стане изолирана држава или да го продолжи патот кон Брисел.

-Христијан Мицкоски стои пред одлука: дали ќе ја поддржи македонската иднина во ЕУ или ќе го следи патот на неговиот претходник Никола Груевски. Груевски 11 години го блокираше евро-интеграцискиот пат на Македонија кон ЕУ за на крај да избега од државата соочен со одговорност за криминалот. Со денови Мицкоски молчи за неговата одлука. Но, ќе почекаме до лидерската средба да видиме дали тоа што јавно го говори ќе го каже и таму. Веќе следната недела ќе стане јасно дали Мицкоски е дел од блокот на ЕУ или остаува во анти европскиот блок со Левица, рече портпаролот Дарко Каевски.

Реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Но во нивната реакција тие оставаат сомнеж дали воопшто ќе се одржи лидерска средба.

-На лидерската доколку СДС престане со детските игри и воопшто ја има, ќе стане појасно дали Ковачевски е полтрон на ДУИ или не. Ако СДС мисли дека некој во земјава верува дека Артан и Талат се европјани и за европски вредности, тогаш или го потценуваат народот или толку се корумпирани што не смеат да писнат од ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, Владата се уште ја чека иницијативата за уставни измени што ја подготви работната група. Не се исклучува можноста иницијативата да претрпи одредени измени по лидерската средба пред да биде испратена до Собранието.

Во првата собраниска фаза пратениците треба да ја изгласаат потребата од измени на Уставот за што ќе биде потребно 2/3 мнозинство, кое власта се уште го нема.