Кривична против осум инспектори поради несовесно работење со дискотеката „Пулс“

Одделението за внатрешни работи Кочани денеска поднело кривична пријава против осум службени лица вработени во Државниот инспекторат за труд, поради сомнение дека со несовесно работење во службата тие не спречиле незаконско работење на дискотеката „Пулс“ во Кочани и овозможиле објектот незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност со активно работење остварувајќи противправна имотна корист во вкупен износ од 1.255.977 денари.
Министерството за внатрешни работи информира дека Одделението за внатрешни работи Кочани денеска до ОЈО Кочани поднело кривична пријава против С.Ш.С. (53) од Македонски Брод, С.Ѓ. (59) од Скопје, З.М. (64), С.З. (61), Т.К. (42), Н.Д. (43), Г.П. (41) и М.З.С. (44) сите од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ предвидено и казниво по член 353-в став 2 в.в став 1, а в.в. член 45 од Кривичниот законик.
- Имено, во периодот од 2022 година до 16.03.2025 пријавените како службени лица вработени во Државен инспекторат за труд, иако биле должни да вршат инспекциски надзор над примената на законите, другите прописи и акти во сите дејности од јавниот и приватниот сектор, други правни и физички лица, како и граѓаните кои вршат дејност на територијата на Р.С.Македонија, спротивно на член 71 став 1 од Законот за инспекциски надзор ниту еднаш не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност за утврдување на фактичка состојба во правно лице-угостителски објект од Кочани и покрај тоа што во периодот од 13 години бил единствен објект од таков вид на подрачјето на општина Кочани – се вели во соопштението од МВР.
Во пријавата, исто така, се наведува дека, тие не спречиле незаконско работење на објектот и во континуитет ги изложувале ангажираните лица (вработените) на опасност од непроверен и неконтролиран објект од аспект на основните права од работен однос и исполнетост на потребните мерки за безбедност и здравје при работа, со што овозможиле објектот незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност со активно работење остварувајќи противправна имотна корист во вкупен износ од 1.255.977 денари.
МИА
Ново на Сител
-

Гаши: Законот за правична застапеност нема да се донесе тајно, кога ќе има услови да се стави на гласање
-

Промоција на новите електронски услуги на Државниот инспекторат за земјоделство
-

Современа болница и поквалитетно здравство за граѓаните на Источна Македонија
-

Водата во Гостивар се тестира и се уште не е за пиење
-

Каде е најевтино да го наполните резервоарот на Балканот?
-

Тема на денот со Драган Кочински, епидемиолог и раководител на Одделот за епидемиологија на заразни заболувања во ИЈЗ
-

Расте бројот на заразени со западно-нилска треска
-

Нова бактерија во водоводната мрежа во Гостивар, најави за питка вода се уште нема
