Ковачевски: Таравари да одлучи - исток или запад
Но компасот на Ковачевски и оној на Таравари ги влечат различни магнети. Лидерот на Алијанса уште викендов најави дека си заминува од бродот на СДСМ и ДУИ и бара место на оној на Меџити, Касами и Гаши. Тоа му донесе силни турбуленции внатре во партијата и раскол со поранешниот претседател Зијадин Села.
Села кој сака самостоен настап на изборите жестоко реагираше на одлуката на Таравари да оди во предизборна коалиција со албанската опозиција.
По прилично долга пауза, тој повторно се врати на прес-конференција и му порача на Таравари дека партијата не е негова и дека одлуките ги носи партиското Собрание кое ќе заседава во сабота. Таравари му врати со порака дека за еден ден собрал потписи од две третини од делегатите и дека е дојдено време ДУИ да оди во опозиција. Следеше фотографија во партискиот штаб на Алијанса во Тетово со која Села тврди дека потписите на социјалните мрежи не значат ништо и дека одлуките се носат во рамки на партиските тела.
Во меѓувреме во албанскиот блок владее молк. ДУИ и натаму ја продава приказната за тоа колку голем успех е тоа што 100 дена ќе имаат технички премиер, избегнувајќи коментари околу можноста опозицијата значително да се засили во пресрет на изборите. Ако Алијанса и официјално премине во опозиција, СДСМ ќе биде единствената партија која ќе остане заедно со ДУИ, иако и тоа не е договорена работа.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
