Македонија
18. December 2022 - 16:34

Ковачевски разочаран од пресудата на Апелација за „Таргет- Тврдина“

И премиерот Ковачевски е разочаран од укинатата пресуда за „Трагет Тврдина“, но вели не може да се меша во судски одлуки. 

Последниот чекор на Апелација само докажува зошто довербата во судството е на очајни 8%, но судот сам треба да се избори да ја промени ваквата слика кај граѓаните.

Разочарување во однос на овој судски случај кој кажува зошто граѓаните имаат ниска доверба во судството. Како Премиер и Влада ниту сме се мешале ниту ќе се мешаме во судската власт со оглед на тоа дека судството и правосудството не се место за политичка борба.

Работа на судот е низ една транспарентна постапка да им ги објасни на граѓаните одлуките кои што ги носат и да работи на унапредување на своето работење за да ја зголеми довербата кај граѓаните и да овозможи услови сите граѓани во земјата да бидат еднакви пред Уставот.

Билатералниот скрининг со ЕУ ќе постави многу прашања и правосудните органи ќе мора да дадат таму одговори, рече Ковачевски.

Наместо борба против корупцијата, правосудните институции стануваат заштитници на криминалите на власта, реагира и ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата поразителен е фактот што доаѓаат странски тимови да се борат против партизираните институции, а единствен излез е распишување на предвремени избори. 

Во Македонија највисоките функционери во правосудството се бираат од партиските албуми. Таков е случајот и со Обвинителството за гонење на организиран криминал, таков е случајот и со Судскиот Совет. Токму оваа последната институција која треба да избира, оценува и разрешува судии ја води кадар кој од приправник во суд, без ден стаж како судија, само поради фотографии со Заев се дограби до висока позиција. Ете затоа во Македонија нема право и правда, вели Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Укинувањето на пресудата за масовното прислушување и уништувањето на опремата во УБК со која екс директорот на Управата Мијаков беше осуден на 12 години затвор, втор ден е предмет на реакции, особено поради фактот што овој чекор се поизвесно ќе ги застари трите кривични дела за кои се гони Мијалков во овој предмет.

По низата политички реакции, вчера неговиот адвокатски тим го поздрави укинувањето на пресудата, која според нив е донесена без докази.

Политичките напади врз Апелацискиот суд според нив се недозволиви, за што адвокатскиот тим најавува реакција до Судот за човекови права во Стразбур.

Укинатата пресуда за „Трагет Тврдина“ на седница следната недела ќе ја разгледува и Судкиот совет кој треба да утврди дали една од второстепените судијки одлуката ја донела пред или по пензионирањето.