Македонија
30. јуни 2023 - 16:35

Ковачевски не се согласува со Груби, дебатата со ДКСК да се води во Собрание

Премиерот Ковачевски не го поддржува својот заменик Груби за личните критики кон Антикорупциската комисија, но нема да има санкција за вицепремиерот.

Ковачевски вели дека одговорен за да дава оценка за работата на Антикорупциска е Собранието.

- Единствено меродавно тело кое може да даде оценка врз основа на фактите и врз основа на перформансите на било која институција, а овде се мисли на Антикорупциската комисија е собраниската Комисија. Лични квалификации и лични оценки не сум давал и не оправдувам кога некој друг дава, меѓутоа, за мотивот зошто некој би дал оценка за некоја институција ќе мора да го прашате човекот кој дал таква институција.

Премиерот уверува дека владата направила многу за да се подобри работата на Антикорупциската комисија, од нови простории до зголемување на бројот на вработени во кризна година.

Откако ДКСК покрена случаи против Груби, тој ги обвини членовите дека немаат капацитет да си ја вршат работата. Ова наиде на остар одговор од Антикорупциската која рече дека неговите изјави не се ништо друго освен притисок врз нивната работа.

Антикорупционерите подолг период предупредуваат дека предметите кои ги отвораат немаат ефект бидејќи Јавното обвинителство не покренува истраги по нивните извештаи. Во последниот предмет против Груби, ДКСК го обвини дека ги злоупотребувал просториите на Министерството за политички систем за партиски цели каде лидерот на ДУИ држел состаноци.