Македонија
12. October 2023 - 16:37

Контролорите на летање го одложија протестот

Раководството на М-нав доби втора шанса од Синдикатот. Надлежните ќе мора да им ги исполнат барањата до крајот на месецот ако не сакаат да се соочат со затворено македонско небо.

Од Синдикатот велат дека уште веднаш почнуваат да важат новите правила за вработување. Па наместо оглас кој ќе трае три дена, сега кандидатите ќе имаат 10 работни дена за да ги соберат потребните документи за аплицирање. Со тоа треба да се запре партизираноста на М-нав со кадри без соодветни квалификации.

Раководството на М-нав до крајот на месецот ќе мора да најде независна меѓународна фирма која ќе спроведе анализа на структурата во претпријатието која ќе доведе до нова систематизација.

 - Износот којшто претходно беше смешен од некои 8.000 евра сега е реално направен на некои 50-тина илјади евра за навистина да се пријави фирма каква што бараме од Европа, поврзана со воздухопловство, а не да се јави некое локално продавниче од тука и да каже дека он ќе ги работи сите тие активности. Врз база на тие активности ќе се изготви таа нова систематизација која ќе определи дали ќе се вработува некој натамошен кадар, вели претседателот на Сидникатот, Александар Тасевски.

Тасевски вели дека овој пат министерот за транспорт гарантирал дека нивните барања ќе бидат исполнети. Од Владата претходно соопштија дека Министерството за транпорт ќе ги координира двете страни за да ги реализираат преземените обврски од вчерашната средба.