Македонија
30. January 2024 - 16:37

Конституирана третата пржинска Влада

Со желби за фер и демократски избори конституирана третата и веројатно последна техничка Влада.

Според најавите, по крајот на протоколарниот дел, Владата ќе ги избере вицепремиерите кои баш и нема да бидат некој избор имајќи предвид дека нивните имиња се веќе договорени. Маричиќ доаѓа на местото прв вицепремиер, а Груби, Грковска и Битиќи и натаму ќе останат на своите позиции.

Опозицијата со половичен состав на првата владина седница. Министерот за труд и социјала Велковски не дојде, а Тошкоски се смести меѓу Бесими и Османи. Новиот шеф во МВР дојде по средбата за грчката амбасадорка на која барал решение на проблемот со пасошите кој Спасовски му го остави во наследство.

„На средбата беа потврдени заложбите за унапредување на меѓусебната соработка, особено во областа на безбедноста и полициската соработка.

Министерот Тошковски го презентираше наследениот проблем со недостатокот на обрасци за патни исправи и предложи мерки за негово решавање.“ – се вели во соопштението испратено од МВР

Тој претходно го посетил и пунктот на МВР каде што се издаваат пасоши, а видеото го објави на социјалните мрежи.

За денеска попладне закажана е нова седница на Владата, а во меѓувреме се чекаат смените на раководни позиции во министерствата што ги води опозицијата.

Техничката Влада има мандат да ги организира изборите закажани за 8 мај.