Ќе има ли нови изборни правила до 15 јули? Власта со нов повик до опозицијата
Понеделник е крајниот рок до кога власта ќе ја чека опозицијата, со цел до среда да се донесат измените на Изборниот законик и во целост да се исполни реформската агенда на Брисел поврзана со Планот за раст.
Нов повик од владејачката ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ, Левица, ДУИ, Села и Таравари да седнат и да ги испеглаат разликите околу една изборна единица, финансирањето на кампањите и рекламирањето, како и моделот за гласање на дијаспората од далечина.
Од друга страна, по повикот на еврокомесарката Марта Кос, власта и опозицијата сепак да најдат компромис и да го донесат Изборниот законик, неофицијално, во меѓупартиските разговори имало асистенција и од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Од мнозинството и понатаму со став дека прифаќаат сè од опозицијата, со една црвена линија – а тоа е да се олесни гласањето на нашинците во странство.
Од СДСМ без отстапки – сè уште сметаат дека гласањето на дијаспората надвор од гласачкото место и без безбедносни контроли, како што се спроведуваат дома, претставува изборен грабеж.
Од Левица, пак, велат дека власта намерно ја вметнува дијаспората со цел да не се донесат новите изборни правила.
„Не е случајно што ДПМНЕ ја прогласи дијаспората за своја единствена црвена линија кога и нивните дебело платени анкети (платени од јавни пари), кои ги користи како доказ за сопствената непобедливост, бележат пад на нивната поддршка. Наместо да се соочи со незадоволството што расте дома, Мицкоски политичкиот спас очигледно почна да го бара надвор од државата“, велат од партијата на Апасиев.
Иако со критика до власта, Левица ја презеде иницијативата да свика опозициски состанок од понеделник. Но, засега ниту една друга опозициска партија не ја прифати поканата.
Доколку власта и опозицијата успеат до 15 јули да ги донесат измените на Изборниот законик, Европската Унија веќе најави дека на државата ќе ѝ додели дополнителни 4 милиони евра како дел од Планот за раст.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
