Инциденти во Алијанса
Порака со оставен куршум во домот утрово доби лидерот на Алијанса за Алабнците Арбен Таравари. Куршумот е оставен само на 12 часа откако неговиот претходник, и претседател на партиското Собрание Зијадин Села објави дека ќе бара одговнрост од Таравари за неговата политичка одлука Алијанса на изборите да се приклучи на опозцискиот блок.
„Пронајдено e зрно од автоматско оружје калибар 7,62 милиметри. Екипа од СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар извршиле комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот”, велат од полицијата.
Куќата на Таравари во центарот на Гостивар од утрово е под 24 часовно обезбедување од полицијата. Зголемено обезбедување има и пред зградата на општина Гостивар.
Иако инсистиравме, Таравари денеска не не прими во неговиот градончалнички кабинет за изјава.
Но, инцидентот со лидерот на Алијанса е втор во последните 24 часа како резултат на внатрепартиските превирања. Синоќа по пресконференцијата на Села со која тој побара одговорност од Таравари, физички бил нападнат Дритон Небиу, директор на Агенцијата за одземен имот и близок соработник на Села.
Небиу синоќа пријавил дека два часа пред тоа во угостителски објект на улица „Маршал Тито“ во Тетово, каде престојувал со уште неколку други лица, физички бил нападнат од 46-годишниот тетовец К.О., кој употребил и метален предмет.
Тој се сомнева дека инцидентот е испровоциран од крилото на Таравари.
Во меѓувреме, генералниот секретар на Алијанса, и министер за правда Лога, кој инаку е дел од крилото на Села, повика на смирување на страстите и ги осуди и двата инцидента, а повика и на ниво расчистување.
„Можеме да имаме недоразбирања и несогласувања, но воопшто не треба да се оддалечиме еден од друг од нашата заедничка куќа. Додека сите заедно се трудиме да го изнајдеме правиот и вистинскиот пат, повикуваме на самоконтрола и смиреност.
Ние сме поминале многу настани заедно, како радосни така и тажни. Заради тоа апелираме и да ни се разделат нашите патишта, тоа да го направиме како цивилизирани и семејни луѓе“, напиша Лога.
Загрижен за настаните во Алијанса е и поранешниот премиер и лидер на СДСМ Ковачевски.
Партиски извори од Алијанса стравуваат дека ова нема да бидат единствените инциденти меѓу сопартијци што припаѓаат на различните крила, но велат дека до партискиот состанок во сабота работите можат и да се смират.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
