Иднината на Западен Балкан во ЕУ, заклучок од вчерашниот Самит во Брисел
Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Со ваков заклучок заврши вчерашниот самит помеѓу Унијата и земјите од регионот.
Во завршната декларација помеѓу другото се нагласува и потребата од спроведување на договорите со Грција и Бугарија или овие два документи остануваат, како што пишува значајни да се спроведат со добра волја и видливи резултати.
И во оваа декларација унијата ја потенцира постепената интеграција на Западен Балкан, преку отворање на европскиот внатрешен пазар, формирање на заеднички регионален пазар и инвестиции.
Планот за раст посочуваат дека има за цел да донесе конкретни придобивки за граѓаните уште пред пристапувањето, но за ова да стане реалност потребни се конкретни реформи.
„ЕУ потсетува на заедничката посветеност да се засилат напорите за зацврстување интеграцијата на Западниот Балкан со внатрешниот пазар на ЕУ. Заедничкиот регионален пазар за Западен Балкан треба да послужи како скалило за интеграција. За заедничкиот регионален пазар да постане реалност, од страна на лидерите од Западен Балкан се потребни уште повеќе одлучни напори, посебно во поглед на донесувањето низа одлуки за трговски иницијативи“, стои во декларацијата.
Истовремено се потенцира и потребата од зајакнување на заедничката безбедност поради руско-украинската војна и немирите на Блискиот Исток, како и подготвеноста на унијата да им помогне на земјите во справување со економските последици.
Сепак, ова е трет состанок во последните 6 месеци помеѓу Унијата и лидерите на Западен балкан кој завршува со слични заклучоци и препораки. Последниот збор ќе го имаат лидерите на Унијата по самитот во Брисел кој завршува утре.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
