Македонија
10. May 2026 - 10:23

Хуманитарна планинарска прошетка за родители и деца во организација на ЗПСК Кожуф

Планинарска акција „Родители и деца“ која ја организира здружението „Планинарски спортски клуб – Кожуф“ од Гевгелија, ќе се одржи денеска во близина на минералните бањи во Негорци. Од здружението информираат дека оваа активност има за цел во планинарењето да ги вклучи заедно родителите и децата и да им овозможи дружење во природа низ интерактивни игри.

Првата акција „Родители и деца“ за оваа година ќе биде со хуманитарен предзнак, односно помош за малата Ника Роглева од Богданци која боледува од церебрална парализа. 

Настанот в недела ќе започне од патеката Курија, спроти минералните бањи, со почеток од 10 часот, а предвидено е да се пешачи 5 километри по лесна патека, погодна за сите генерации. По прошетката следува дружење со музика, интерактивни игри за деца и родители и планинарско гравче за учесниците.

- „Родители и деца“ веќе неколку години е дел од редовниот календар на клубот и се реализира два до три пати годишно. Претставува одлична можност најмладите, заедно со своите родители, уште од најрана возраст да ја развиваат љубовта кон природата и планинарењето. Овој пат ќе се собереме со цел да и помогнеме на Ника која се бори со церебрална парализа, но има надеж, а тоа е операција во Турција која може значително да ѝ го подобри одењето, да ја намали болката и да ѝ овозможи да направи чекор сама. За таа цел, сите собрани средства од учеството во акцијата ќе бидат донирани за нејзиното лекување, а на самата локација ќе има поставена и донаторска кутија за сите кои сакаат да помогнат дополнително, велат од ЗПСК Кожуф.

Учеството во планинарската акција чини 200 денари по родител, додека за децата е бесплатно.

 

МИА