Македонија
18. October 2023 - 19:48

ГРЕКО: Македонија е недоволно усогласена со препораките од извештајот за евалуација во борбата против корупција

Државата не проверила колку системот на санкции за конфликт на интереси е применлив во пракса. Паричните казни не ги исполнуваат предусловите за ефикасност, пропорционалност и ефект на одвраќање. 

Групата на држави против корупција објави дека Македонија е во недоволна усогласеност со препораките од Извештајот за евалуација од петтиот круг на евалуацијата во борба против корупцијата кој беше усвоен во јули годинава. Само 13 од 23-те препораки содржани во Извештајот се имплементирани на задоволително ниво, девет се делумно, а препораката за системот на санкции воопшто не е имплеменирана.

Сепак, Антикорупционерите сметаат дека е многу поважно препораките од ГРЕКО навистина да се применуваат во пракса. 

-Останува да се види практиката. Не е само да се остварат (препораките) и да се направи „check“ на реализацијата, но да се покаже во практика дали државата е спремна тоа што легислативно го усогласила со препораките на ГРЕКО, вели членот на Антикорупциската комисија, Владимир Георгиев. 

ГРЕКО забележува напредок во одредени сфери. За Антикорупциска вели дека игра најпроактивна улога во борбата против корупцијата, но потребно е да се зголемат нејзините капацитети.

Напредок се бележи и кај полицијата, особено законските измени со кои сите вработени во МВР се обврзани да ја пријават имотната состојба, а им е забрането да членуваат во политичка партија. 

Сепак Георгиев предупредува дека доколку овие измени останат само на хартија, а не се применат во пракса, ГРЕКО повторно ќе има забелешки во иднина. 

- Оценката, не само на ГРЕКО, туку и на Европската Комисија се дека законите во суштина се добри во земјава, меѓутоа недостасува имплементацијата, а тоа пак ќе кажам зависи конечно и од политичката волја, пред се на властите кои ги вложуваат своите напори за нешто да се имплементира, вели Георгиев. 

ГРЕКО е антикорупциско мониторниг тело на Советот на Европа неколку години наназад го следи напредокот во борбата против корупцијата.