Граѓаните пријавиле доход од речиси 10 милијарди евра остварен лани
Рекордни пријави за остварен доход од речиси 10 милијарди евра стигнале во Управата за јавни приходи. Бројките покажуваат раст на пријавениот доход минатата година од над 1,2 милијарди евра во споредба со претходната , а со тоа и повисок пресметан данок на личен доход, кој достигнува околу 650 милиони евра.
Најголем дел од пријавите се од работен однос, што покажува дека платите се доминантен извор на приходи кај граѓаните. По овој основ пријавени се 7,5 милијарди евра, за кои е платен данок од 463 милиони евра. На второ место се приходите од капитал - скоро 400 милиони евра, за кој е платен данок од 40 милиони евра . Овде спаѓаа дивиденди од акции, камати од депозити, обврзници, и други хартии од вредност , како и приходи од инвестициски фондови. На трето место е доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, кој достигнува 363 милиони евра. по што следиваат добивките од игри на среќа и приходите од закуп.
Бројките покажуваат дека голем дел граѓани не ја користат можноста лично да проверат дали им се точни даночните пријави, се вели во соопштението на УЈП. Само 26,650 пријави се лично потврдени од даночните обврзници. Над 313 илјади граѓани платиле повеќе данок и имаат право на поврат, додека над 208 илјади треба да доплатат околу 3,4 милиони евра. Податоците покажуваат и дека над 158 илјади граѓани се уште немаат активирано кориснички профил во системот на УЈП и не можат да извршат увид во пријавата.
Инаку годинава УЈП поднесе решенија да платат данок и граѓаните кои работеле во странство во 2020 и 21 та година, што резултираше со неколку протести пред дирекцијата и негодување зошто по 5 години сега да плаќаат данок.
-
Наташа Мерсовка
Сите содржини од овој новинар
