Голема брзина над дозволената причина за несреќата во која загинаа Жота и Силва

Првите резултати од истрагата за сообраќајната несреќа во која напаѓачот на Ливерпул, Диого Жота, и неговиот брат Андре Силва ги загубија животите минатата недела во Шпанија укажуваат на „голема брзина“ со која било управувано возилото, објави денеска шпанската Цивилна гарда.
Иако вештачењето сè уште е во тек, истражителите најавија дека одделно ќе ги анализираат „трагите оставени од едното тркало на возилото“, но дека сè укажува дека брзината на возилото во моментот на несреќата била значително над дозволената на тој дел од патот.
Според прелиминарните информации, Диого Жота го управувал возилото во моментот на несреќата, која се случи ноќта меѓу 2 и 3 јули на автопат во покраината Замора, во северозападна Шпанија.
Дваесетиосумгодишниот Жота и неговиот три години помлад брат Андре, фудбалер на португалскиот второлигаш Пенафиел, починале на местото на несреќата пред да пристигнат службите за итни случаи.
Нивното возило, луксузен спортски автомобил „Ламборџини Хуракан“, кој според португалските медиуми бил изнајмен, излетал од патот, а потоа се запалил, соопшти Цивилната гарда.
Жота патувал од Португалија до Сантандер, каде што требало да се качи на траект за Англија. Лекарите го советувале да не лета поради неодамнешната операција на белите дробови, па затоа покојниот Португалец се одлучил за автомобилот.
Жота се ожени само десет дена пред несреќата со својата долгогодишна партнерка, со која имаше три деца.
Диого Жота и Андре Силва беа погребани во саботата во нивниот роден град Гондомар, во близина на Порто.
Ново на Сител
-

Тема на денот со Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи
-

Ангелова победи на изборите за ректор на УКИМ - поените од институтите пресудија во трката
-

14 лица повикани во полиција за монструозното меѓуврсничко насилство во Ѓорче
-

Вонредни контроли на ДСЗИ поврзани со илегалните ботокси и филери
-

Сали: Интензивно работиме на реформите
-

ИПАРД средствата повторно се достапни за земјоделците, Брисел потврди дека нема пропусти
-

Се избира ректор на УКИМ
-

Жртвите во „Пулс“ починале од труење со јаглерод моноксид
