Македонија
16. October 2023 - 16:34

Функционерите јадат доручек, ручек и вечера за 250 денари

Мешана салата – 30 денари, Тост – 70 денари, Рамстек – 285 денари, Јунешко соте – 180 денари. Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го објави дневното мени од четвртокот во владиното бифе обвинувајќи дека смрзнаци има само во нив, наместо во продавниците.

-Не верувам дека некаде се јаде по овие цени, во болница или во студентски дом. Со овие цени, доручек, ручек и вечера за функционери доаѓа околу 250 денари. Чорба за доручек, готвено за ручек, тост за вечера, вели Стоилковски.

Но Службата за општи и заеднички работи свое бифе има и во Собранието, па Стоилковски заборави да ги спомне и пратениците кои доаѓаат од неговата партија, а се хранат по речиси истите цени.

Цените во Законодавниот дом во август годинава биле уште пониски од овие сега во Владата. Пилешко соте се продавало за 109 денари, Грав со ребра за 81 денар, ориз за 36, а мешаната салата за 24 денари.

СОЗР не смее да заработува од своите услуги и затоа храната и пијалаците ги продаваат без маржа. Директорот Пеце Мирчевски денеска остана недостапен за Сител, па не одговори на нашите пораки и повици за да појасни како точно се формираат цените за прехрана на функционерите.

Актуелизирањето на мениата во бифеата на СОЗР доаѓа во услови на континуиран раст на инфлацијата. Последното истражување покажа дека над половина милион Македонци се сиромашни и немаат доволно пари ни за храна. До крајот на годината се очекува околу 80 илјади граѓани денот да го туркаат со 60 денари, а сега над 440 илјади граѓани имаат само 200 денари дневно во џебот.

За разлика од државните органи, бифеата на факултетите на пример ги држат приватни компании под концесија и цените се драстично повисоки поради маржите.