Филипче и Сали ќе одговараат пред пратениците на Анкетната комисија
Беким Сали и Венко Филипче ќе учествуваат во работата на Анкетната комисија за скандалот на Онкологија и ќе одговараат на прашањата на пратениците. И двајцата поранешни министри за здравство за Сител потврдија дека очекуваат да се расчисти најголемата црна дамка која го потресе здравствениот систем.
- Како поранешен Министер за здравство, како што веќе и јавно изјавив, ќе учествувам во работата на Анкетната комисија за случајот на Клиниката за онкологија. Моите очекувања се во насока и другите поранешни министри вклучувајќи го и сегашниот, заедно со директори на различни јавни институции, активно да учествуваме на овие седници. Верувам дека нашите колективни напори ќе помогнат да се расветли ситуацијата и да се доведат до неопходните реформи за да се спречат вакви случаи во иднина, вели Беким Сали, поранешен министер за здравство.
Пред да го напушти министерскиот кабинет тој го разреши Нино Васев од функцијата директор на Онкологија бидејќи воопшто немало критериуми кој и како добива биолошка терапија. Дополнително побара и внатрешна ревизија поради огромните долгови на клиниката.
Пред Сали, со министерството раководеше Венко Филипче кој вели дека во негово време имало многу подобрувања и олеснувања за онколошките пациенти.
- Ќе дојдам на Анкетната комисија да одговорам на прашањата на пратениците. Во времето додека бев министер онколошките пациенти добија современа терапија и воведовме низа олеснувања за нив со што значително им го подобривме квалитетот на животот. Се надевам дека случајот ќе се расчисти во најкус рок затоа што довербата во Клиниката за онкологија не смее да биде нарушена, вели Венко Филипче, поранешен министер за здравство
Анкетната комисија со работа ќе продолжи наредната недела кога пред нив ќе реферира еден од поранешните министри за здравство. Информации ќе треба да даде и актуелниот прв човек на здравствениот систем а пред пратениците ќе се најдат и сегашни и екс директори на Онкологија, од Фондот, МАЛМЕД како и јавни набавки.
Целта на Комисијата, како што кажа нејзината претседателка, е да ја најдат вистината и да утврдат евентуална политичка одговорност. Но од нивната работа треба да произлезат и заклучоци и предлози за системски промени и повеќе дас не дојде до вакви скандали.
Онколошките пациенти и здравствените работници очекуваат што побрзо да има епилог случајот и да се знае дали и кој се богател на грбот на најтешко болните.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
