Европските пари ги судрија математиките на власта и опозицијата
65-те милиони евра кои Македонија ги доби од Брисел не се само финансиска помош, туку признание за реформите што ги спроведува државата, оценува вицепремиерот за европски прашања, Беким Сали. Toj го опиша напредокот преку конкретни бројки.
Во последниот извештаен период, земјава до Европската комисија пријавила 21 реформа, од кои дури 16 добиле позитивна оценка. Три од овие обврски биле завршени пред предвидениот рок.
Целиот процес опфаќа вкупно 44 задачи. Од нив 29 треба да се заокружат до крајот на годинава. Според министерот, добар дел од овие задачи се веќе успешно завршени, а за останатите, институциите имаат дополнителен „грејс-период“ до јуни и декември 2026 година за целосно да ги реализираат.
„Резултатите не се апстрактни. Тие веќе се видливи, во конкретни области. Денес имаме нова методологија за финансирање на основното и средното образование, интернет и ИТ опрема во 160 основни училишта, унапредување на дигиталните услуги и електронската идентификација, реформи во управувањето со јавните финансии, поголема институционална транспарентност, намалување на бирократските процедури“, истакна Сали.
Европските пари, уште нестигнати до државната каса, станаа причина за нова кавга на домашната политичка сцена. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, излезе со став дека државата можела да добие многу повеќе.
Според него, поради неисполнување на клучните реформи од страна на Владата, државата пропуштила пакет тежок 200 милиони евра. Филипче посочи дека воопшто не е важно дали некој во регионот зел помалку или повеќе од нас, туку огромниот неискористен потенцијал на сопствената држава.
Тој предупреди дека реализацијата на ветените обврски е во постојан пад, па ако продолжи ваквиот тренд, постои реална опасност Македонија да биде избришана од идните финансиски планови на Брисел.
„Сакам да укажам и да ги предупредам граѓаните да бидат свесни дека ова можеби се едни од последните пари што ги добиваме од Европската Унија. Сега кога Европската Унија ги прави следните буџети, кои се прават за седумгодишни периоди, а ние не правиме чекор напред кон Европската Унија, можно е воопшто да не влеземе во новото буџетирање на Европската Унија“, рече Филипче.
„Тоа што го говори опозицијата ни не заслужува коментар“, им одговори премиерот. Мицкоски истакна дека државата направила целосен пресврт и од последното место на Западен Балкан, сега се позиционира како лидер во регионот по реализација на реформите.
„Очекувам оваа позиција да ја потврдиме и сега после јунскиот извештај и овие триесетина, триесет и еден милион коишто се директна буџетска поддршка на крајот од годината, да се доближиме до бројката 100. Директна буџетска поддршка кога на тоа ќе се додадат и финансирањата и средствата предвидени за проекти, таа бројка ќе биде неколку стотици милиони евра и така продолжуваме и во периодот којшто следи. Сите оние коишто се молат да не успее оваа Влада, а на тој начин се молат да не успее и државата и граѓаните, за жал имам лоша вест за нив, ќе мора да сведочат на многу успеси коишто ги прави оваа Влада“, кажа Мицкоски.
Во овој бран на исплати, Македонија доби најмногу пари во регионот. Од одобрените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, а остатокот ќе биде достапен за големи инфраструктурни и инвестициски проекти. Со исплатава, Македонија досега има повлечено вкупно нешто над 142 милиони евра од овој европски фонд.
Планот за раст за Западен Балкан е замислен земјите од регионот да почнат да ги чувствуваат конкретните придобивки од ЕУ уште пред да станат членки. Тој носи свежи пари како поддршка за реформи, а на секои шест месеци Брисел строго проверува што е сработено на терен пред да го одобри следното префрлање на парите.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
