Случајот „Мазут“ на повторно разгледување по жалбата на ЕСМ
Затворената истрага за случајот „Мазут“, оди под лупа на Вишото јавно обвинителство. Откако државната ЕСМ поднесе приговор со кој укажува на недоследности во водењето на постапката, сега, повисокото обвинителство ќе треба да утврди дали одлуката на обвинителката Коларевиќ била оправдана.
Пред вишото обвинителство се две опции - да го прифати приговорот и да даде насоки за понатамошно постапување, или, да го одбие поднесениот приговор од ЕСМ. Во меѓувреме, републичкиот обвинител Савески, вели дека согласно хиерархијата, надлежност да постапува, има единствено Вишото јавно обвинителство.
„Доколку оштетените во постапката не се задоволни, предвидено е правото на правен лек – приговор против наредбата за запирање на истрагата и врз основа на кој евентуално поднесен приговор, оваа одлука би била предмет на ревидирање од страна на Вишото обвинителство. Доколку произлезат нови докази и нови околности, постапката може одново да почне“, вели Савески во интервју за Фокус.
Одлуката дали ќе продолжи истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, ја чека и премиерот Мицкоски..
„ЕСМ веќе вложи жалба на скандалозната одлука на ОЈО ГОКК и очекуваме сега вишото јавно обвинителство правилно да ги разгледа сите факти и да одлучи според тоа кое што е содржано во жалбата. Така што, еве, да почекаме што ќе одлучи вишото јавно обвинителство па потоа да коментираме“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Од Левица пак со повик до Савески - тој лично да проверел дали запирањето на истрагата е законско.
„Законот за јавно обвинителство јасно му дава механизми на државниот јавен обвинител да постапи во оваа фаза од предметот, односно Савески може да побара увид во предметот со цел утврдување на законитоста на истрагата, како и да наложи нови вештачења или прибирање докази“, велат од Левица.
Истрагата со која беа опфатени Капушевски, Јахоски, Муча и Ковачевски беше затворена откако вработени во ЕСМ сведочеле дека со набавката на мазут, претрпијатието не претрпело штета. Според ЕСМ пак, тие лица не биле компетенти да оценуваат штета, по што државната компанија поднесе жалба на одлуката за запирање на истрагата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
