Македонија
18. јуни 2026 - 16:29

EСМ в година ќе покрива 70% од потребите за домаќинствата – Ќе плаќаме ли поскапа струја?

Наместо 100 отсто, од следната година ЕСМ ќе има обврска на универзалниот снабдувач да му обезбеди 70% од потребните количини струја за граѓаните и малите потрошувачи. Остатокот ќе мора да се бара на отворениот, слободен пазар. Неизесно е како новите измени ќе влијаат врз цената на електричната енергија, дали истата ќе се зголеми или како што очекува ресорната министерка, од јануари ќе плаќаме поевтини сметки.

- Ако ги гледаме цените како се нула во овој период и колку многу има повеќе електрична енергија и дека веќе и Грција извезува, јас мислам дека може да се очекува намалување на овие цени, меѓутоа, тоа е сепак берза, може да има и скокови и падови, меѓутоа некој тренд е дека сега има многу ниски цени и нули. Инаку, секако дека имаме и план Б. Како што одлучивме дека ќе има 70 отсто, ние секогаш се грижиме граѓаните да имаат електрична енергија. Ќе видиме како одат трендовите. Сега за сега се дека има многу евтина електрична енергија, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска

По најавата на првиот човек на Регулаторна дека се прават анализи дали да се врати стариот начин за пресметка со две тарифи, евтина и скапа или да остане сегашниот, со 4 блока, каде цената зависи од потрошувачката, Божиновска вели дека проценките на министерството покажуваат пониска цена ако се укинат блоковите.

- Блоковите, беа донесени кога цените на електричната берза изнесуваа 700, 800 или 1.000 евра за мегават час. Сега имаме комплетно друга слика, имаме цени нула, а Регулаторната комисија за енергетика е одговорна за блоковите. Ако не повика, секако ќе дадеме наше мислење, меѓутоа целта е една и единствена, граѓаните да имаат пониски сметки, што се надевам дека е цел и на Регулаторната комисија. Со овие ниски цени сега што се, што ги гледаме, се надевам дека би можело да има некоја промена, меѓутоа тоа се зависи од Регулаторната комисија за енергетика, додаде министерката.

Инаку на две годишнината од функционирањето на Министерството за енегетика, пристигна и решението со кое македонскиот рубин станува заштитено национално минерално богатство. Рубинот, кој се произведува во прилепско е  единствениот во Европа и е дел од културното и историското наследство на земјава.