Македонија
27. јуни 2026 - 16:34

Државата прогласува кризна состојба поради пожарите - се воведуваат ригорозни забрани и надзор со дронови

Од први јули стапува на сила целосна забрана за движење во шумите низ земјава, а владата веќе донесе одлука и за прогласување на кризна состојба поради зголемениот ризик од пожари. Казните за граѓаните кои без дозвола ќе бидат затекнати во шумските предели изнесуваат и до 2 000 евра.

МВР најавува жесток одговор на терен. За лов на пироманите веќе се активирани дронови, а МВР го засилува и електронскиот надзор во критичните точки.

-Во однос на пироманите кои ги имаме низ државата и ја палат својата држава, сметам дека и те како треба да го подобриме односот спрема овој вид криминалитет. Многу вложуваме во надзор и сметам дека ќе имаме подобар одговор во овој дел.

Превентивните мерки и затворањето на шумските патишта беа поддржани и на денешната трибина на ИПОС. Експертите порачуваат дека безбедноста на шумските предели мора да биде приоритет број еден за сите надлежни институции во наредните два месеци.

Но додека државата најавува контроли и дронови, на терен се појавуваат старите проблеми со недостиг на опрема. Од доброволните противпожарни друштва апелираат институциите итно да ги опремат службите но и реално да го вклучат доброволниот сектор.

-Имаме опрема ама цела скоро 90 проценти се базира на донации и принципот на снаоѓање. дефинитивно треба да не вклучат бидејќи сме обучени и му стоиме на располагање на доброволниот сектор баш во овој период.

Лани статистика бележи 3559 пожари на отворен простор од пошироки размери при што црниот баланс кулминираше во јули со дури 931интервенција. Од вкупниот број, 3354 зафатија сува трева, стрништа и депонии, додека 205 стихии директно уништуваа шумски предели. Службите се случуваше дневно да гаснат од 30 до 66 пожари во исто време.