Димитриеска-Кочоска: Ребалансот е одговор на предизвиците што ги носи неизвесноста на глобално ниво и континуитетот на развојните политики што даваат резултат

Макроекономските и фискалните остварувања во првата половина од годината условени од надворешните случувања ја наметнаа потребата од ревидирање на иницијалните проекции на Буџетот со цел да обезбедиме дополнителни средства за сервисирање на најприоритетните обврски што произлегоа од потпишаните колективни договори, повеќе средства за земјоделството, за социјалната заштита и општините и, пред сè, повеќе средства за капитални расходи, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска пред пратениците образложувајќи го Дополнетиот предлог ребаланс на Буџетот за 2026 година.
- Како одговорна Влада и одговорно Министерство за финансии, наша обврска е навремено да реагираме и да ги усогласиме буџетските проекции со реалните економски движења и притоа да обезбедиме средства за исполнување на законските обврски, поддршка на граѓаните и продолжување на инвестицискиот циклус, рече Димитриеска-Кочоска.
Со амандманите усвоени за време на дебатата во собраниската Комисија за финансирање и буџет обезбедени се дополнителни средства за жените кои вршат земјоделска дејност, средства за воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство, како и средства за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.
Обезбедени се шест милиони денари за транспорт на вода за населението во Гостивар поради прогласената епидемија, еден милион денари за Управата за извршување на санкции, 10 милиони денари во МОН за реконструкција на факултети, 12 милиони денари во Јавното обвинителство за продолжување на лиценцата за набавка на софтвер, 170 милиони денари во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за изградба на дистрибутивни центри во Скопје и Струмица и реновирање и адаптација на зградата на ИПАРД во износ од 170.000.000 денари и 80 милиони денари за Агенцијата за стокови резерви.
- Оваа Влада останува отворена за аргументирани предлози и секогаш ќе ги прифати оние што придонесуваат за поддршка на бизнисот, подобар животен стандард и поквалитетен живот за граѓаните. Собраниската расправа треба да биде простор за размена на идеи, меѓусебно почитување и одговорен однос кон институциите и кон граѓаните што ги претставуваме. Со предложениот дополнет ребаланс продолжуваме со нашите заложби за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, преку политики што веќе даваат резултати и придонесуваат за поволни економски текови. Во Министерството за финансии секогаш поаѓаме од истиот принцип, овој најважен документ на економската политика да биде изграден врз реални и остварливи основи. И овој ребаланс, како и претходните буџетски документи подготвени од Владата и усвоени во Собранието, се темели врз актуелните макроекономски показатели и остварувања, со цел да понудиме што пореални и остварливи проекции, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
Измените на Буџетот, како што посочи, се носат во време на изразена глобална неизвесност која се чуствува не само во светската економија туку и врз домашните економски текови.
- Затоа, со предложените измени ги усогласуваме макроекономските претпоставки и фискалните проекции, пред сè на расходната страна на Буџетот. Целта е да обезбедиме целосна реализација на стратешките приоритети и програмските определби до крајот на годината. Истовремено, обезбедуваме дополнителни средства за капитални расходи, имајќи ја предвид забрзаната динамика на реализација на капиталните проекти што се финансираат од централниот буџет. Ребалансот на Буџетот, вклучително и овој дополнет ребаланс, како што истакнав и при неговото претставување во матичната Комисија, не претставува само техничка измена на буџетските ставки. Зад него стојат јасни политики што Владата ги насочува кон поддршка на економијата и на граѓаните. Тој е одговор на променетите економски околности и инструмент преку кој ги усогласуваме јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, и граѓаните. Особено во услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но и да ги искористиме можностите што се отвораат, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Оцени дека Владата не е нем набљудувач на светските случувања и потсети дека за ублажување на ценовните шокови беа донесени мерки кај нафтените деривати, нагласувајќи дека состојбата и понатаму се следи.
Според министерката за финансии, и покрај сите надворешни предизвици, македонската економија продолжува да покажува отпорност за што потврда се последните расположливи макроекономски показатели.
- Според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, Бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2026 година оствари реален раст од 3,1% на годишна основа, со што се потврдува континуитетот на позитивните економски движења и отпорноста на домашната економија во услови на неизвесности во глобалното економско окружување. Посебно охрабрува фактот што растот не произлегува од еден сектор, туку е широко поставен. Услужниот сектор оствари раст од 3,6% и градежништвото 7,2%, а земјоделството 2,9%. Во рамки на услужниот сектор сите дејности бележат позитивни движења, при што највисок раст имаат професионалните, научните и техничките дејности. Градежништвото повторно претставува еден од двигателите на економската активност. Нискоградбата бележи раст од 24,5%, а специјализираните градежни активности раст од 17,5%. Овие бројки не се случајни. Тие се директен резултат на интензивирањето на капиталните инвестиции, реализацијата на инфраструктурните проекти и вложувањата што Владата ги реализира во патната, комуналната и енергетската инфраструктура, посочи Димитриеска - Кочоска.
Осврнувајќи се и на останатите макроекономски показатели, министерката за финансии рече дека во услови на продолжена неизвесност на глобално ниво реалниот раст на БДП е проектиран на 3,5 процентии дека инвестицискиот импулс од реализацијата на крупните инфраструктурни проекти се очекува значително да го амортизира ефектот од ограничувачките фактори кои произлегуваат од надворешните шокови и да бидат главен двигател на економската активност годинава.
Во однос на инфлацијата, Димитриеска-Кочоска рече дека ризиците поврзани со можното пролонгирање на конфликтот, како и со растот на цените на примарните производи на меѓународните пазари и нивното прелевање во домашната економија, претставуваат клучен фактор за нагорната ревизија. Согласно најновите проекции, инфлацијата во 2026 година се очекува да изнесува 4,5%, при што натамошните движења ќе зависат пред сѐ, од развојот на надворешното окружување и ценовните движења на меѓународните пазари, подвлече министерката.
Во однос на остварувањата досега, министерката за финансии посочи дека во периодот јануари – јуни, вкупните приходи на Буџетот достигнале 169,9 милијарди денари, што претставува реализација од околу 45,3 проценти од годишниот план или бележат раст од 8,6 проценти во споредба со истиот период во 2025 година.
- Особено е значајно што најголемиот дел од приходите доаѓаат од редовната економска активност. Даночните приходи достигнаа 96,7 милијарди денари, при што приходите од данокот на додадена вредност изнесуваат 43,3 милијарди денари и учествуваат со околу 44,7% во вкупните даночни приходи. Приходите од данок на личен доход достигнаа 17,5 милијарди денари, приходите од данокот на добивка 13,8 милијарди денари, а по основ на акцизи се реализирани 13,9 милијарди денари. Она што посебно сакам да го нагласам е дека приходите од данокот на личен доход, данокот на добивка, данокот на додадена вредност и увозните давачки бележат раст во однос на истиот период минатата година. Тоа е директна потврда дека економската активност продолжува, дека компаниите работат, дека платите растат и дека институциите успешно ја реализираат политиката на подобра наплата и намалување на сивата економија. Социјалните придонеси, како најзначаен извор за финансирање на пензискиот и здравствениот систем, достигнаа 58,8 милијарди денари, што е за 7,5% повеќе во однос на истиот период минатата година, подвлече Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека е завршен и повратот на средства по основ солидарен данок во износ од 1,3 милијарди денари.
На расходната страна во периодот јануари – јуни, според образложението на министерката, вкупните расходи достигнале 205,9 милијарди денари, што претставува околу 49,7 проценти од годишниот план и раст од 10,6% во споредба со истиот период лани.
- Најголем дел од расходите, се насочени кон исполнување на законските обврски кон граѓаните. Само за исплата на пензии се издвоени 58,1 милијарди денари, со што обезбедивме редовна исплата на пензиите за сите пензионери. За финансирање на здравствениот систем се реализирани 25,5 милијарди денари, а за социјална заштита на најранливите категории на граѓани се исплатени 7,6 милијарди денари. Кон општините се трансферирани 15,1 милијарди денари блок-дотации за образование, детска заштита, култура, противпожарна заштита и останатите пренесени надлежности, како и дополнителни 2,4 милијарди денари средства од данокот на додадена вредност. Ова покажува дека, и покрај сложените услови, Владата обезбеди непречено функционирање и на локалната самоуправа, без застој во финансирањето на основните јавни услуги, оцени Димитриеска-Кочоска.
Истовремено, додаде министерката, сервисирани се сите обврски кон домашните и странските кредитори. За камати се исплатени 12 милијарди денари, за отплата на главнина по основ на домашен и надворешен долг 60,7 милијарди денари односно 1 милијарда евра за стари обврски.
- Ова е исклучително важно, бидејќи финансиската дисциплина и навременото сервисирање на долгот се предуслов за зачувување на довербата на инвеститорите, меѓународните финансиски институции и кредитните агенции, подвлече Димитриеска-Кочоска.
Најсилен показател за развојната политика на Владата, според министерката за финансии, е реализацијата на ставката капитални расходи кои во првата половина од годината достигнале 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година.
- Тоа значи дека во државата се работи на терен и дека се инвестира во проекти за патишта, железници, комунална инфраструктура, училишта, градинки, здравствени установи, водоводи, канализации, енергетски проекти и локален развој. Само за изградбата на Коридорите 8 и 10-д до крајот на мај се реализирани 6,3 милијарди денари. Дополнително, за инфраструктурните проекти во општините веќе се реализирани 2,1 милијарди денари, што значи дека средствата што ги обезбедуваме преку Буџетот директно се претвораат во конкретни проекти во сите региони на државата, посочи министерката за финансии.
Во предложениот ребаланс на Буџетот, вкупните приходи се ревидираат повисоко за 1,2% од иницијалните проекции, односно се проектираат на ниво од 379,5 милијарди денари. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари, што е минимално намалување од околу 0,4 проценти. Намалувањето е резултат на ревидираните приходи од акцизи и корекција во ДДВ за околу 1,6 милијарди денари, а поради спроведување на владините одлуки за намалување на акцизите на нафтените деривати со цел да ги ублажи последиците од растот на светските цени на горивата и да им помогне на граѓаните и компаниите полесно да се справат со ценовните притисоци. Истовремено, за неданочните приходи се очекува значително подобрување на наплатата и тие се зголемуваат за околу 2 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари или повеќе за 2,8% од првичните проекции. Овие дополнителни средства, според министерката за финании се насочуваат кон јасно утврдени цели односно - земјоделски субвенции, субвенции во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, најранливите категории граѓани, заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација. Исто така, дополнителни средства за рурален развој, водостопанска инфраструктура, третман на отпадни води и пречистителни станици.
- Со предложените измени остануваме на нашата определба за фискална дисциплина, односно кај расходите за стоки и услуги или оние непродуктивни расходи, вршиме намалување од близу 800 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби. Од друга страна особено значење придаваме на развојната компонента и со ребалансот обезбедуваме дополнителни средства за капитални инвестиции кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари што е зголемување за 14,3 проценти во однос на иницијалниот Буџет. При тоа нивното учество е 4,1% од планираниот БДП, а зголемување е за финансирање на локални инфраструктурни проекти во општината, нагласу министерката за финансии.
Ваквото зголемување на ставката за капитални расходи и инвестиции во инфраструктурата, според министерката за финансии, е причината за корекцијата на дефицитот.
- Станува збор за дефицит којшто ќе финансира развој, а ќе резултира со зголемување од 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 4,1% од БДП. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните што е и ќе остане принцип на работа на оваа Влада, посочи Димитриеска-Кочоска.
Проектираниот дефицит за 2026 година во износ од 46,3 милијарди денари, како и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Близу 54,9 милијарди денари е отплата на надворешен долг и скоро 20 милијарди денари сервисирање на домашниот долг 54,6 миијарди денари за отплата на обврзници.
Финансирањето ќе се обезбедува преку домашни извори во форма на државни хартии од вредност или заеми, како и од надворешни средства од меѓународните финансиски институции и преку задолжувања на меѓународниот пазар на капитал.
- Дополнетиот ребаланс на Буџетот е документ кој содржи политики коишто се одговор на предизвиците што ги носи неизвесноста на глобално ниво и истовремено продолжување континуитет на развојните политики што даваат резултат. Продолжуваме со напорите за ефикасно и одговорно управување со јавните финансии, постигнување постепена фискалната консолидација и истовремено постигнување повисоки и одржливи стапки на економски раст. Крајната цел на нашите политики е раст на економијата и подобар животен стандард на граѓаните и создавање услови за севкупен просперитет, порача министерката за финансии.
МИА
Ново на Сител
-

Гостиварци може да ја користат водата како техничка, но не и за пиење
-

Непочитувањето на мерките може да ја продолжи епидемијата во Гостивар
-

Поскапуваат бензините, дизелот и парното греење
-

Дополнетиот ребаланс на буџетот на пленарна седница
-

Шпанскиот државен секретар за ЕУ во посета на Македонија – интеграциите и односите со Бугарија во фокус на разговорите
-

Без дозвола и без регистрација – малолетници дивеат во сообраќајот
-

Доајенот на македонското глумиште замина во легендите, почина актерот Гоце Тодоровски
-

Временските промени опасност за посетителите на планина
