Даниела Димовска избрана за претседателка на Основниот кривичен суд Скопје

Судскиот совет денеска ја избра судијката Даниела Димовска за претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Членовите на Советот кои ја поддржаа кандидатката, како клучни предности ги посочија нејзиниот акциски план, визионерскиот пристап во раководењето, капацитетот за унапредување на независноста и транспарентноста на судот, како и резултатите постигнати во текот на изминатата година додека ја извршуваше функцијата в.д. претседател.
Одлуката е донесена по спроведена постапка по јавен оглас, на кој апликации доставиле двајца кандидати – Даниела Димовска, судија и вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје, и Ивица Стефановски, судија во истиот суд.
Претседателот на Комисијата за избор, Ивица Николовски, информираше дека двете пријави биле уредни и кандидатите ги поминале предвидените тестирања и интервјуа. По усвојувањето на извештајот и спроведеното гласање, за претседател беше избрана Димовска.
Во образложението на својата одлука, членот на Судскиот совет Исамедин Лимани оцени дека програмата и акцискиот план на Димовска „за нијанси содржат поголема иновативност во управувањето со Кривичниот суд“.
Антоанета Димовска посочи дека во интервјуата постоела разлика во пристапот на двајцата кандидати кон менаџирањето на судот.
-Судијата Даниела имаше визија како треба да се менаџира судот. Во однос на програмите, пристапот на Димовска е развоен, визионерски и оптимистички дека може да направи нешто, да обезбеди нешто и надвор од она што се дава, со учество во грантови и програми - рече таа.
Ивица Николовски изрази жалење што на огласот се пријавиле само двајца кандидати.
-Жал ми е што од 50 судии, поголемиот дел ги исполнуваат критериумите да бидат апликанти по ова прашање, се јавија само двајца, иако знаеме дека за ова место можат да аплицираат и судии од други судови. Не е спорно дека кандидатот за кој го дадов својот глас е човек со искуство и интегритет. Сметам дека ќе ги подобри работите во однос на независноста и транспарентноста. Она што беше пресудно да донесам одлука, кај кандидатот Даниела осетив визија, чувство и предизвик да се менаџира со овој суд и да се биде прв меѓу еднаквите - рече Николовски.
Според Данка Ристова, Димовска успешно се снаоѓала во досегашната функција.
-Сметам дека одлично се снајде во улогата в.д. претседател и ќе продолжи на овој начин, кој е малку поинаков од досегашните начини на раководење на судовите - рече Ристова.
Садула Изаири нагласи дека за него било важно како кандидатката го презентирала судот.
-Даниела денеска од Советот доби поддршка и сметам дека таа поддршка треба да ја прифати како одговорност, со оглед на тоа што раководи со суд кој ја презентира перцепцијата за судството - рече Изаири.
Џенета Бектовиќ истакна дека Димовска како в.д. претседателка постигнала добри резултати и поседува богата професионална биографија.
Сузана Јошевска-Анастасовска посочи дека Судскиот совет треба да води сметка долгото вршење на функцијата вршител на должност да не се претвори во предност на еден кандидат во однос на другите, оценувајќи дека изборните постапки треба да траат пократко за сите кандидати да имаат еднакви можности.
Таа додаде дека гласала за Димовска бидејќи во изминатата година покажала „вонредни менаџерски капацитети“, како и врз основа на нејзината програма и акциски план.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ оцени дека Димовска поседува јасна визија за унапредување на работата на судот, како и изразени менаџерски способности и капацитет за успешно раководење со човечките ресурси.
Тања Чачарова-Илиевска рече дека поддршката ја дала од две причини.
-Нејзиното визионерство, преточено преку програмата, јасно дава слика за човек кој има јасна визија за тоа како да се движи во својот мандат со цел да го издигне судот на едно повисоко ниво, да ја заштити независноста на судиите и владеењето на правото, применувајќи ги европските стандарди. Втора работа, присуствував на интервјуто и добив впечаток дека има далеку поголем капацитет за управување со судот - рече Чачарова-Илиевска.
Аритон Ала истакна дека гласал согласно извештајот на Комисијата и акцискиот план на кандидатката.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, рече дека при споредбата на програмите и акциските планови кај Димовска препознал поразличен пристап во менаџирањето на институцијата.
-Се надевам дека ќе успее да го спроведе тоа што го зацртала во програмата - рече Камбовски.
Во текот на расправата членовите на Советот упатија пофални оценки и за вториот кандидат, судијата Ивица Стефановски, оценувајќи дека и тој поседува професионални квалитети и капацитет за раководна функција.
Димовска пред една година беше избрана за в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Претходно беше судија во Одделението за организиран криминал и корупција при истиот суд.
Според биографијата објавена на Основен кривичен суд Скопја, Димовска е судија во Основниот кривичен суд Скопје од септември 2016 година, кога по завршувањето на Академијата за судии и јавни обвинители беше избрана за судија на претходна постапка во Одделот „Кривично полнолетни“.
Пред тоа, од 2007 до 2013 година работела во Собранието на Република Македонија, а во 2010 година била избрана за член на Комисијата за заштита од дискриминација. Од 2006 до 2010 година била демонстратор по предметот Трудово право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа е дипломиран правник од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде дипломирала во 2007 година како првенец на генерацијата 2003-2007. Магистрирала на истиот факултет во 2012 година на отсекот Деловно право, истата година положила и нотарски испит, а правосудниот испит го положила во 2011 година.
Во 2015 година го положила завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители, а од 2018 година е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Димовска е добитник на наградата „Франк Манинг“ за најдобар студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за академската 2005/2006 година.
Во 2017 година ја завршила обуката „Вовед во германското право“, организирана од Германската фондација за меѓународна соработка ИРЗ, а е и коавтор на Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите, објавен во 2019 година во соработка меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и DCAF Женева. Покрај македонскиот, активно го познава и англискиот јазик.
МИА
Ново на Сител
-

Откажан протестот на вработените во УЈП - добиле допис за дисциплински постапки
-

Договор за автопатот Скопје-Блаце
-

Нема кој да казнува за непочитување на Законот за употреба на македонскиот јазик
-

Преглед на вестите од светот
-

Измените на Изборниот законик остануваат блокирани во Собранието
-

Ново судење за Пулс - се читаат пораки од телефонот на газдата на дискотеката, Деко
-

Грант од ЕБОР за изградба на автопатот Скопје-Блаце
-

Неопходна е поголема државна поддршка за спас на земјоделството од климатските промени
