Македонија
6. July 2026 - 16:34

Нема кој да казнува за непочитување на Законот за употреба на македонскиот јазик

Зошто не се применува Законот за употреба на македонскиот јазик. На оваа тема на иницијатива на СДСМ денеска во Собранието се одржа надзорна расправа.

И по цели две години од донесување на Законот, инспекторатот кој треба да ја следи примената има двајца вработени кои прво една година ќе се обучуваат, пред да почнат да пишуваат казни.

Според опозицијата ова на дело ја покажува неспособноста на министерството за култура, на критиките Љутков пак возврати дека тоа е последица на долгогодишно неодговорно управување.

„Зошто ја поднесовме оваа иницијатива за надзорна расправа? Затоа што можам да ви ги прочитам сите членови по однос на кои не се постапува, меѓутоа тоа значи дека треба да ви го прочитам целиот Закон. Освен именуваната директорка на 9 април 2025 година, една година и два месеци после донесување на Законот, ништо друго по однос на овој Закон не функционира. Видовме два инспектори коишто се вработени пред половина месец во самото Министерство за култура, што треба допрва да поминат една цела година во однос на нивната подготовка за да можат да прават надзор“, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска. 

„Владата ги задолжи институциите да ги почитуваат законските обврски во однос на ангажирањето лектори, додека податоците што се прибираат, ќе бидат основа за креирање на Националната стратегија за македонскиот јазик. Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон македонскиот јазик не се докажува со декларации, туку со институции што функционираат, со закони што се применуваат и со држава што доследно ги исполнува своите обврски“, додаде Љутков.

Законот за употреба на македонскиот јазик беше донесен на почетокот на 2024та, со поддшка и од власт и од опозицијата. Оттогаш сите јавни и државни институции и претпријатија, училишта и медиуми имаат законска обврска да вработат лектори, а сите јавни акти, прописи, надзорни табли на институции и споменци мора да бидат лекторирани.

Со законот се формираше и Инспекторат за употреба на македонскиот јазик кој треба да ја следи примената на законот и да пишува казни од 1500 до 3000 евра за негово непочитување.