Цената на суровата нафта расте – Мицкоски очекува горивата да паднат во понеделник
По вчерашниот пад, цената на суровата нафта денеска расте и таа се тргнува нешто под 90 долари за барел. Владта сепак очекува пад на цените на горивата од понеделник, но и дополнително стабилизирање на инфлацијата.
Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кажа дека намалувањето на акцизите и данокот на додадена вредност државната каса ја чини десетици милиони евра, но за сметка на тоа Македонија имала најниски цени во регионот и покрај тоа што државата не го огранички продавањето на горива за странски државјани.
- Јас очекувам дека веќе во понеделник да имаме надолно нивелирање на цените на бензините и дизелот. Но она што е важно е дека ние како држава сепак остануваме држава со најевтина цена на дизелот и на безоловниот, рече Мицкоски.
Споредувајќи ги параметрите од јуни 2022 и јуни годинава Мицкоски уверува дека државата сега многу подобро се справила со економската неизвесност која произлезе од кризата во Персискиот Залив, отколку претходната Влада која исто така ја затече војна, но во Украина.
- Иако сите светски познавачи велат дека оваа криза има далеку подевастирачки последици по светската економија, поготово како енергетска криза повеќе. Ако тогаш сме имале 14,7% инфлација, сега е 3,4%. Ако тогаш прехранбените производи биле над 15% и тоа е главниот драјвер, сега се 2,5%. Јас очекувам дополнително стабилзиирање во јули. Анализирав 12 држави од реигонот, тогаш сме биле на осмото место, сега сме на трето, рече Мицкоски.
Опозицијата сепак, повикувајќи се на Евростат, тврди дека Македонија има најнизок животен стандард и најслаба куповна моќ во Европа.
Просечната потрошувачка кошница кај нас чини 50 евра (индекс 49,7), додека во Европската Унија чини 100 евра. Над нас нема никој, пред нас се Турција, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија, Црна Гора и Србија. Додека Мицкоски од прес-конференција до прес-конференција зборува за „поголем раст од ЕУ“, за „прво место во туризмот“ и за „економско чудо“, Евростат вели едно: Ние сме на дното. Ниските цени не се успех. Тие се одраз на сиромаштија и слаба куповна моќ. Евростат не држи прес-конференции. Евростат објавува реалност, велат од СДСМ.
Од март, кога почна војната меѓу САД, Израел и Иран, бензините во Македонија поскапеа за 18,5 денари за литар, додека дизелот сега се продава 27,5 денари поскапо отколку тогаш.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
