Македонија
3. August 2026 - 16:35

Цената на суровата нафта „потона“

Драматичен пад на цената на суровата нафта на светските берзи во пресрет на седницата на Регулаторната Комисија за енергетика која, поради денешниот празник, утре ќе носи одлука за нови цени на горивата.

Од отворањето на берзите суровата нафта се тргува помеѓу 82 и 84 долари за барел. 

Ова е сигнал за можен пад на цените на горивата. Такви очекувања во текот на минатата недела имаше и премиерот Мицкоски, кој кажа дека неделава ќе се направи анализа на цените на горивата, па ќе се одлучува дали ќе бидат преземени некакви мерки. 

Додека Владата анализира, Синдикатот бара итни и координирани мерки за заштита и унапредување на животниот стандард на работниците и граѓаните. Од Сојузот на синдикати на Македонија за Сител велат дека според податоците на Еуростат, македонските работници се меѓу најниско платените во Европа, а нивната куповна моќ останува меѓу најниските. 

- Државата мора навремено и одговорно да реагира со цел да се спречи нов бран на поскапувања кој повторно би се префрлил на товар на работниците. И покрај досегашните мерки за стабилизирање на цените на горивата, очигледно е дека тие не се доволни. Потребно е Владата да разгледа дополнителни интервенции, вклучително и намалување на акцизите и другите давачки на горивата доколку постои фискален простор, засилена контрола на цените и маржите и кај основните производи, како и спречување на неоправдани поскапувања, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во изјава за Сител.

Трендафилов вели дека единствена долгорочна заштита на животниот стандард е континуиран раст на платите. 

За него несфатливо е како цените на производите растат сега, кога цените на горивата се стабилизираат.

- Загрижува тоа што и денес како и периодот кога цените на горивата надминаа 100 денари за литар, повторно се најавуваат нови поскапувања. Но, јавноста добро памети дека кога цените на горивата подоцна значително се намалија, голем дел од цените на производите и услугите не се вратија на претходното ниво. Затоа, оправдано се поставува прашањето дали повторно ќе се префрла целиот товар врз граѓаните и работниците, наместо цените да се формираат врз основа на реалните трошоци, вели Трендафилов.

Од почетокот на војната меѓу Соединетите Американски Држави, Израел и Иран, цел свет претрпе ценовен шок на горивата. Од март досега бензините во Македонија поскапеа за 18,5 денари за литар, додека дизелот сега се точи за 27,5 денари поскапо.