Бесими оптимист за договор со синдикатот на средбата во понеделник
Синдикатот и владата пред договор. Министерот Бесими е убеден дека е прашање на денови кога двете страни ќе си подадат рака за растот на платите во јавниот сектор.
Во интервју за државната МИА, Бесими уверува дека покачувањето на платите во иднина веројатно ќе се пресметува според просечната плата и инфлацијата, слично на начинот на кој се пресметува зголемувањето на пензиите.
Според Бесими, за различни јавни служби ќе се утврди различен коефициент на сложеност. Вели, платите континуирано ќе растат секоја година во зависност од растот на платите и трошоците во целата економија.
Меѓутоа, и да се постигне договор сега, моделт ќе почне да важи дури од 2025 година.
-Тој модел би требало, доколку се согласиме, да стапи на сила од март 2025 година. Значи сега ќе се воведе измената, но пресметките за тоа ќе бидат во март, а во меѓувреме ќе има транзициски период за оваа година до март 2025 како ќе оди динамиката на порастот на платите. Значи, ќе има раст сега откако ќе се договориме. Ќе видиме кога тоа би се реализирало, 2023-24, како транзицијата ќе тече… Потоа, во зависност од институциите внатре, дали се медиуми, агенции, министерства, здравство… ќе имаат свои коефициенти по области. Во зависност од спецификите и приоритетите, така ќе се утврдува, вели Бесими.
Оптимист за договор меѓу владата и синдикатот е и првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски вели дека работниците во државава заслужуваат поголеми плати со оглед на тешката економска ситуација.
-Најмалку што може владата да направи како работодавач, но не само владата, и сите оние работодавачи кои можат да си дозволат, и на кои бизнисот им дозволува, треба да ги споделат овие тешки моменти заедно со работниците затоа што мораме да ги задржиме луѓето тука. А начинот да ги задржиме луѓето тука е токму нивниот труд да биде соодветно валоризиран и платен, рече Мицкоски.
Синдикатот, освен зголемување на платите бара и избраните и именуваните функционери да се откажат од покачувањето од 78% кое го добија по одлуката на Уставниот суд. Бесими, сепак вели дека последниот збор тука го има Уставниот суд и владата не смее да не ја почитува неговата одлука.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
