Македонија
15. October 2023 - 16:32

Анкетна комисија: Филипче и Меџити следни за исказ

Ја кочи ли некој работата на Анкетната Комисија за скандалот на Онкологија? Според предвидениот рок, до 10ти номеври треба да бидат сослушани сите предвидени сведоци и членовите да утврдат дали има нечија политичка одговорност. На списокот се повеќе од 60-тина, а досега пред пратениците беа само поранешниот министер за здравство Беким Сали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Комисијата не може да работи ако не ја добие целокупната побарана документација за случајот од повеќе надлежни институции. Претседателката на Анкетна за Сител вели дека нема да дозволи опструкции и епилог мора да има.

-Во вторникот беше доставена и листа на документи кои јавно ја читавме и на Комисијата и треба да бидат проследени од МЗ, Фонд за здравство, Влада, Малмед, Онкологија и истите имаат рок на доставување до понеделник. Доколку не ги достават потребните документи ќе се смета за попречување на работата на Комисијата и рокот за постапување ќе го сметам за продолжување за дополнителен број на денови за кој Комисијата била спречена да работи од објективни причини односно недоставување на бараната документација со што се попречува и квалитетното сослушување на дведоците. Сметам дека во истиот амбиент министерот Оливер Спасовски и Јовески ќе знаат што треба да работат, вели Рашела Мизрахи, претседател на Анкетна комисија за скандалот на Онкологија.

Во вторник, според предвиденото на столчињата за сведоци треба да седнат Венко Филипче и сегашниот министер за здравство Фатмир Меџити.  Ден после нив пред пратениците ќе бидат повеќе сегашни и поранешни функционери од Фондот за здравство меѓу кои актуелната директорка Грашковска, потоа Ден Дончев, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети и неколку директори на сектори.

И додека Рашела Мизрахи е во трка со времето, во обвинителството скандалот за препродадажба на скапа терапија на грбот на најтешко болните се уште е во предистражна постапка. Обвинителот Јовески во петокот на Комисијата за финансирање и буџет кажа дека дел од медицинската документација  е издвоена со сомненија за лекарска грешка и за нив вештачењето ќе го врши независна институција најверојатно во земја од соседството.

И ревизорскиот извештај за Онкологија што е предмет на истата Комисија покажа бројни неправилности за работењето на клиниката.