Македонија
19. јуни 2023 - 21:16

Анализа - Како реагира бугарската јавност на Резолуцијата на Бундестагот за македонскиот идентитет?

Резолуцијата на германскиот Бундестаг со која мнозинството застана во одбрана на македонскиот јазик и идентитет ја разбранува и бугарската јавност. За дел од бугарските политичари таа е директно насочена контра Бугарија, но тамошните аналитичари велат дека документот е само подршка за социјалдемократите и владата на Ковачевски. Бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров за Сител вели дека ова е политички акт за поддршка на македонската влада за европскиот проект да биде завршен.

Владимиров не очекува резолуцијата да предизвика нови проблеми на релација Скопје- Софија.

Од друга страна пак, радикалите во Бугарија веќе заговараат ново вето за Македонија...Европратеникот Џамбаски резолуцијата ја гледа како основа за нова блокада за македонските интеграции...

Но и покрај дел од реакциите во Софија дека донесената германска резолуција е „антибугарска“, специјалниот претставник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, вели дека мнозинството во Бундестагот донел проевропска резолуција. Во изјава за Дојче веле , Сарацин испраќа порака дека Германија сака да направи сѐ што е потребно за успешно усвојување на измените во Уставот на Македонија, кои го вклучуваат бугарското малцинство.

Германија отсекогаш била многу посветена на Бугарија, што ќе продолжи да го прави и во иднина. Јас сум многу, многу задоволен од успешниот пат што го следеше Бугарија од нејзиното пристапување во ЕУ. Што се однесува до резолуцијата, таа има голем број различни аспекти. Сепак, најважно е следново: Германија сака да направи сѐ што е потребно за успешно усвојување на измените во Уставот на Северна Македонија, кои го вклучуваат бугарското малцинство во овој устав. Ова е нашата цел. Оваа цел ја споделуваме со партиите и политичките сили во Бугарија., вели Сарацин.

Бундестагот со мнозинство гласови на пратениците од владејачките партии – Социјалдемократите, Либералите и Зелените на 15 јуни ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура на патот на Македонија кон членство во Европската Унија.