Македонија
25. January 2024 - 17:10

Ана Павловска Данева предлог на власта за уставен судија, опозицијата бара да не се политизира Уставниот суд

По неусешниот обид Љубомир Јовески да стане уставен судија како предлог на СДСМ, професорката Ана Павловска Данева е новото име за избор на уставен судија на мнозинството. Опозицијата остро реагира дека додека владата поднесува оставка, пратениците на коалицијата СДСМ-ДУИ се обидува набрзина да избере нов уставен судија. 

Иако дневниот ред, на кој изборот на Данева е единствена точка се уште не е усвоен, од мнозинството чиј е предлогот не коментираа ништо.

Професорката Павловска Данева за Сител вели дека рано е за било какви ставови, пред изборот. Но децидна е дека предлогот за уставен судија е чест за секој правник.

- Постапката е на самиот почеток, неблагодарно е било што да прејудицирам. Единствено што можам да изјавам е дека за секој правник е голема чест да биде предложен за судија на Уставен суд, но затоа пак изборот на таа функција е огромна одговорност, вели Павловска Данева за Сител.

По повеќе од една година чекање и 25 обиди Јовески како кандиат од мнозинството да биде избран за уставен судија, од СДСМ го повлекоа неговото име од процедура. Јовески реагираше дека ваквата одлука на пратениците без да го консултираат е вулгарна. 

Седницата е прекината, додека не бидат создадени услови за продолжение.