Македонија
7. January 2024 - 17:03

Жителите на Горно и Долно Бањица тврдат дека нелегално им се одземени земјиштата за да градат „Бехтел и Енка“

На жителите од селата Горно и Долно Бањица им биле незаконски одземени земјиштата за да се прават кампови за градежните работи на Бехтел и Енка. Велат без да ги прашаат од Владата им доставиле решенија за трајна експропријација на нивниото земјиште бидејќи било од јавен интерес. Но велат, околу 5.000 жители од селата живеат од заработката од тие земјоделски земјишта, а ако им ги одземат, семејствата нема да имаат никаков приход. Станува збор за околу 65 хектари плодна земја.

Некои од нив се жалеле и до Управниот суд, а веќе четири пати протестираат потив насилното одземање на нивните земјишта. Ќе продолжат со протести, а од вторник ќе ја блокираат работата на работниците на Бехтел и Енка.

Директорот на Државни патишта, Ејуп Рустеми за Сител вели дека тие постапуваат според закон и дека е од јавен интерес на овие места да се градат кампови.

Според законот за експропријација треба што побрзо да се изврши експропријација во тој дел за да им се овозможи на Бехтел и Енка да започнат да градат. Според овој закон и според урбанистичкиот проект предвидено е тука да се изгради камп. Кога се градат нови патишта тоа е од јавен интерес и тогаш се постапува по законски норми. Таму е предвидена траса и изградба на камп според урбанистичкиот проект и мора да го почитуваме бидејќи е одобрен од Владата и е дел од договорот со Бехтел и Енка.

Цената која ја добиле дел од жителите за одземање на земјиштето велат е минимална, односно околу 650 денари за метар квадратен.