Македонија
12. јуни 2026 - 12:12

Жетвата на пченицата започна, откупната цена непозната

На стартот на овогодишната жетва, производителите на пченица и јачмен се состанаа со откупувачите, преработувачите и ресорниот министер, за определување на откупната цена на пченицата, но не успеаја да постигнат договор. Преговорите ќе продолжуваат откако ќе се направат анализите, колкави ќе бидат приносите на пченица во регионите и во најголемите житници Пелагонија и Овче Поле. Во моментот актуелна е минатогодишната цена, што не ги покрива производствените трошоци, а за рентабилност не станува збор.

  • Состанокот помина, но ништо не се договоривме горе-долу. Останува следниот понеделник да имаме нов сосгтанок. Цената што ќе биде понудена најверојатно нема да биде добра за нас земјоделците. Меѓутоа ќе видиме во договор со министерството, ќе бараме од нив како интервентна мерка нешто да се дополни. Инаку, земјоделците што ќе жнеат ќе можат да носат и складират во силосите. Натаму, ќе видиме со цената, што ќе биде и како ќе биде,  изјави Гоце Серафимов потпретседател на Асоцијација на земјоделци.

Серафимов вели дека земјоделските здруженија со измени на Законот бараат за пченицата како стратешка култура, секоја година да се утврдува производна цена, а врз нејзина основа да се дефинира откупната. Лани лебното зрно се откупуваше за 12 денари за килограм, а годинава земјоделците сметаат дека не смее да биде под 16 денари. Во Македонија во просек секоја година се произведуваат околу 250.000 тони пченица, што не ги задоволува во целост потребите на домашниот пазар.