Македонија
20. February 2023 - 12:24

Здравствениот дом во Вевчани тешко функционира поради високите сметки за струја

Двојно повисоките сметки за електрична енергија го отежнуваат работењето на здравствениот дом Вевчани и амбулантите во Лабуништа и Велешта. За разлика од лани кога во месец јануари сметката за електрична енергија била 95.000 денари, годинава достигнала 195.000 денари. Од менаџментот на болницата велат се обидуваат да штедат, но на прво место е згрижувањето и негата на пациентите.

„Ние се трудиме да ги сервисираме високите сметки, но факт е дека се уште тоа ни претставува страшно голем проблем. И перспективно мислам дека на работењето негативно ќе ни се одрази, но се надевам дека во соработка со фондот и со Министерството за здравство ќе успееме да го решиме овој проблем“, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом „Д-р Светозар Чочороски“ Вевчани.

Здравствените институции останаа на слободниот пазар. Иако владата во септември лани најави бенефицирана цена за целото јавно здравство.

„Ние сме на слободниот пазар и со последниот тендер склучивме спогодба со ЕСМ и фактички добивката е во тоа што маржата од претходните 10% ни е намалена на 5% и колку - толку мислам дека и тоа ќе влијае на нашето работење да биде поефикасно и подобро“, вели Стојкоски.

Енергетската криза ги погоди сите јавни здравствени установи во регионот, кои се соочуваат со големи долгови и блокирани сметки.