Заврши вевчанскиот карневал
Со традиционалното василичарско оро и палењето на маските заврши годинашното издание на Вевчански карневал.
Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година.
Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ги посетуваат семејствата каде што има име Васил или Василиј, а веќе уште утре почнуваат да планираат во што ќе се маскираат следната година.
Во фокусот на карневалот беа актуелните состојби во земјава и светот, но и силните пораки упатени кон политичарите и општеството.
Вевчанци 365 дена во годината живеат за Карневалот кој е доста привлечен како за бројните посетители така и за новинарите и фотографите од целиот свет.
-Јас сакам најнапред да го доживеам карневалот, а после тоа доаѓаат фотографиите така што овие 8 години запознав доста луѓе од тука кои ме запознаа со карневалот бидејќи карневалот не е само дефилето туку и денот пред него и после него, изјави фотограф.
Карневалот е спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Со архаичноста, таинственоста и уникатните маски тој се одвојува од останатите во светот.
-

Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар
