Македонија
1. September 2026 - 16:43

Започна учебната година за 238.000 ученици, меѓу нив и скоро 15.000 првачиња

Со навремено испорачани учебници, намалени цени за купување прибор, и реновирани дел од школите, почна учебната година за 238 илјади ученици. Од нив ,174 илјади се основци, а 64 илјади средношколци. За прв пат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња. Нивните желби се исти, но амбициите за во иднина различни. 

Учете многу, затоа што учењето е најголема сила, им порача министерката за образование. Наместо погрдни зборови и насилство, да им помагаат на своите другарчиња. Родителите - да се грижат за воспитувањето на своето дете, наставниците за образованието.

- Сè што треба е да верувате во себе и секој ден да учите. Изберете да бидете пријатели со другите деца. Навредите, погрдните зброви и насилството не значат дека сте јаки, напротив - тие се знак на слабост -  истакна Јаневска. 

Со кампања против врсничкото насилство во процесот на едукација се приклучува и Македонски Телеком. Целта е да се спречат навредите, да се градат пријателствата

- Затоа што вистинска храброст е да бидеш добар, да помогнеш некому и да застанеш покрај другарчето кога му е тешко. Бидете доволно храбри да кажете „не“ на насилството и омразата, а во тоа не сте сами. Со слоганот „Прекини го кругот на насилство - не биди публика“ сакаме да ги поканеме сите да преземат активно учество во прекинувањето на насилството. Пред сè, овде мислиме на децата, родителите, наставниците, институциите, но и целото општество. „Телеком“ ќе продолжи да бара нови партнерства и да воведува нови производи и услуги, кои ќе овозможат побезбеден дигитален свет за сите наши деца - истакна Марковиќ. 

Изминативе години токму врсничкото насилство беше најголемиот проблем со кој се соочуваа младите. Според официјалните бројки на Министерството за образование, во учебната 2024/25 пријавени биле над 120 случаи. За 2025/26 нема точни бројки, но според изјавите на Јаневска, евидентирани биле околу 100-тина.

Загрижува фактот што не расте бројот, туку бруталноста на насилството. Покрај психичкото -  со навреди, закани и понижување, се поголем замав зема физичкото насилство, каде децата се снимаат и потоа видеата ги објавуваат на социјалните мрежи. Националното истражување покажува многу погоелм проблем – секој 10 ученик на возраст од 11 до 15 години признал  дека бил малтериран во училиштето, најмалу 2,3 пати месечно. Секој 6 пријавил сајбер насилство.