Запален автомобилот на обвинетиот судија Ѓоко Ристов
Изгоре автомобилот на обвинетиот судијата Ѓоко Ристов против кого се води истрага за перење пари и криење имот. Возилото марка пасат половично е изгорено а пожарот оштети уште две возила околу него. Автомобилот на судијата бил паркиран пред зградата каде тој живее и каде издржува мерка куќен притвор. Пожарот избувнал рано утринава а опожарен е дел и од деловен објект во приземјето на зградата.
Засега нема информации дали пожарот во кој изгоре автомобилот на судијата е поврзан со случајот против него. Полицијата изврши увид и се преземаат дејствија за расветлување на случајот.
Други пак кои не сакаа да зборуваат пред камера коментираат дека причина за инцидентот може да биде и она што јавноста го слушнала во текот на вчерашниот ден од последниот јавен настап на неговата сопруга, во кој таа изнела скандалозни детали поврзани со истрагата на Ристов и состојбите во правосудството. Инаку, поранешниот апелациски судија веќе се наоѓа на обвинителна клупа, откако Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе официјално обвинение против него.
Случајот против Ристов ја брануваше јавноста кога при претрес во Неготино во семејната куќа на неговите родители, беа пронајдени 350.000 евра во кеш, заѕидани во шуплина од ѕид. Додека обвинителството тврди дека поседува ДНК докази оти судијата самиот ги криел нелегалните пари, неговата одбрана уверува дека средствата имаат легално потекло и се на неговите родители.
Покрај куќниот притвор, за Ристов претходно беа преземени и низа други истражни мерки, вклучувајќи замрзнување на имот и финансиска истрага. Судењето почна во мај а обвинетиот судија на самиот почеток изјави дека не се чувствува за виновен.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
