Македонија
17. April 2026 - 16:42

За Стафа 15 месеци затвор - за Ристов обвинение

Фехми Стафа признал вина и се договорил со Обвинтиелството да лежи затвор 15 месеци за поткуп од 50.000 евра. Информацијата утрово ја потврди скопскиот Кривичен суд.

„До Основниот кривичен суд Скопје, во текот на вчерашниот ден е доставена предлог спогодба за понатамошно постапување. Судот ја разгледа предлог спогодбата и утврди дека се исполнети Законксите одредби од ЗКП, па заради тоа ја верификување спогодбата.

Имајќи предвид дека странките немаат право на жалба, одлуката станува правосилна веднаш и осудениот уште во текот на вчерашниот ден  е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на изречената казна.“ – се вели во соопштението на Судот.

Стафа е осуден откако полицијата го фати со 20.000 евра во кеш кои ги примил од сестрата на Љупчо Пецов Ѓаволот. Според пресудата, Стафа кој инаку му бил адвокат на Пецов во предметот Адитив, требало да влијае врз апелацискиот судија Ѓоко Ристов за Ѓаволот кој тогаш е во бегство да не добие притвор.

Покрај Стафа, приведен беше и Ристов а во домот на неговите родители полицијата пронајде 350.000 евра заѕидани во ѕид од куќата. Од обвинтиелството информираат дека против Ристов, денеска поднеле обвинение за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, а за евентуални дела поврзани со корупција, дополнително се истражува.

„Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедија докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело – Перење пари и други приноси од казниво дело “ – се вели во соопштението на Обвинителството.

Уште пред  Стафа да заврши во затвор а Ристов со обвинение, Љупчо Пецов Ѓаволот сам се врати од бегство а обвинителството се согласи тој да не оди во притвор.