Македонија
1. May 2026 - 16:33

„За плата се бориме, не се молиме“ – ССМ на првомајски марш

Под мотото „За плата се бориме, не се молиме“, Сојузот на синдикати и годинава го одржа својот првомајски марш. Протестот почна пред Работничкиот дом. Претседателот на ССМ, Трендафилов, вели секој имал избор - скара или протест, но на пикник се оди само кога си задоволен од платата. 

„Многу работници денеска, и покрај тоа што не се задоволни од нивните плати, се плашат да се придружат на протестите затоа што сметаат дека протестите се насочени кон некого. 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а денеска, за жал, неколку илјади луѓе сме тука на протест на Први мај“, рече тој.

Маршот продолжи кон Собранието каде синдикатот за образование побара доследно почитување на колективните договори и правилна пресметка на платите.

„Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование. Бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита. Не се откажуваме од овие барања“, изјави Томислав Гиевски, претседател на независниот синдикат за образование и наука. 

Од законодавниот дом, граѓаните се упатија кон Стопанската комора. Од синдикатот за градежништво рекоа дека работникот е темелот на државата и столбот на економијата.

„Цели семејства се иселија, а они нè убедуваат дека тие истите ќе се враќаат. Срам и арам за секоја една лага и од страна на газдите и од страна на претставниците на власт за сите овие 35 години држава. Не знам зошто сакаат македонскиот работник да биде најсиромашен во Европа и во светот. Дали треба да дозволиме и оваа година статистика од 31 работник кој не се вратил дома при семејството? Сакаме да ставиме крај на сите лоши политики, на сите лоши газди“, кажа Иван Пешевски, претседател на синдикатот за градежништво.

Маршот заврши пред Владата. Синдикалците обвинија дека власта создава лажна слика дека граѓаните живеат добро.

„Денеска нема никој во оваа Влада. Половина се на продолжен викенд затоа што можат да си го дозволат тоа. Половина глумат дека работат затоа што не сакаат да ги слушнат работниците. Но уште пострашно е што денеска токму од нив, токму од функционерите без разлика од која политичка опција се, ќе слушнете пофалби за работниците, ќе слушнете честитки, ќе слушнете како тие водат грижа за работниците, а работниците само оваа година протестираа пет пати, три пати ги блокираа овие институции и ќе продолжат да го прават тоа и во наредниот период“, нагласи Трендафилов. 

Минималната плата во Македонија од минатиот месец изнесува 26 илјади денари. Од ССМ претходно рекоа дека зголемувањето од 1.600 денари не е доволно поради високите цени и побараа 600 евра минималец и линерно зголемување на сите останати плати за 100 евра. Поради тоа организираа низа протести кои не резултираа со исполнување на нивните барања.