За изградба на железница кон Албанија, Николоски очекува посветеност и од Тирана
На лето ќе почне изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија. Тендерот за избор на надзор веќе е објавен, а за 10-тина дена ќе се бара и изведувач, најави министерот за транспорт Николоски. Задоволен е од динамиката на преземени активности за изградба на заедничкиот тунел од бугарска страна, но не и од заложбите на западниот сосед. Изградбата на железница од Кичево до Ќафасан би чинела 2 милијарди евра и ако Албанија нема интерес – треба да се преиспита дали воопшто вреди да се инвестира огромна сума.
„Aко видиме дека Тирана прави напори на терен да се изгради нејзиниот дел од коридорот ние ќе направиме напор да ги изградиме автопатот и железницата до Ќафасан“ – рече Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.
Николоски е задоволен од изградбата на автопатските делници од овој Коридор, кој со железницата вкупно би чинел 5 милијарди евра. Од нив, 1,2 милијарди се од Европската Унија, чија делегација се надева дека ќе бидат искористени, затоа што со овој Коридор се зголемува безбедноста на евроспкиот континент, во време на геополитички тензии.
„Преку овој Коридор ќе имаме поврзување на две мориња и со тоа ќе се зголеми воената мобилност и ќе се зголеми безбедноста на НАТО и европскиот континент. Важна компонента е да се зголеми сигурноста во време на геополитички тензии.“, изјави Бен Напнау, делегација на ЕУ.
Инаку Коридорот 8 е стратешки проект, кој го поврзува Јадранско со Црно море, преку Италија, Албанија, Македонија, Бугарија, Романија до балтичките земји. Покрај автопатско и железничко поврзување, ќе донесе бенефит и за граѓаните и за економиите на сите земји.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
