За две години инсталирани се енергетски капацитети од обновливи извори за 166 000 домаќинства
За помалку од две години инсталирани се 523,2 MW електрични капацитети од обновливи извори, покажува анализата на Регулаторната комисија. Најголем раст, според РКЕ, се бележи токму годинава каде за 10 месеци инсталирани се капацитети со вкупна моќност од 371 MW.
Претворена во енергија која ја користат граѓаните, вкупната инсталирана моќност е доволна за општините Ѓорче Петров, Карпош и Кисела Вода да се снабдат со струја.
-Ако пак се направи една пресметка и се рефлектираат овие податоци во тоа колку би задоволиле просечна потрошувачка на едно домаќинство податоците покажуваат дека станува збор за 166.000 домаќинства, вели портпаролката на РКЕ, Марина Узунов.
Сепак, во обновливи извори најмногу инвестираат големите компании за да си ги скратат трошоците за енергија. Како што појаснуваат од РКЕ, со тоа се ослободува дополнителна количина која потоа ја користат домаќинствата. Трендот за забрзана енергетска транзиција, велат од Регулаторна, влијаат на целокупната енергетска мрежа во државата.
-Ако се гледа во билансот ние традиционално увезуваме околу 30% електрична енергија и сега благодароние на „Ел Дорадо“ на инвестиции во обновливи извори таа енергетска независност е намалена на 14%, вели Узунов.
Пандемијата и војната во Украина го означија крајот на ерата на евтина енергија во Европа. Оттогаш Македонија се преориентираше кон инвестиции во обновливи извори, особено од сонцето за да не мора да купува скапа струја од надвор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
