Македонија
30. July 2026 - 13:56

Вториот пензиски столб исплаќа пензија за 147 лица, најголем дел со минимален пензиски износ

Вкупно 147 корисници на пензија од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, односно вториот пензиски столб, остваруваат исплата од индивидуалните сметки, покажува анализата со пресек на 30 јуни 2026 година.

За овие корисници, како што соопштија од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), е исплатен вкупен нето износ од 1.452.089 денари, при што просечната нето исплата по корисник изнесува 9.878 денари. Просечниот пензиски стаж на корисниците изнесува 22 години, додека просечната пензиска основица е 38.880 денари.

Најголемиот дел од корисниците се лица кај кои средствата од вториот пензиски столб учествуваат во обезбедувањето на минималниот пензиски износ. Во оваа категорија се опфатени 113 лица, односно 77 отсто од вкупниот број корисници.

Кај корисниците со минимална пензија, вкупната нето исплата од индивидуалните сметки изнесува 1.149.023 денари, а просечниот месечен износ е 10.168 денари. Од нив, 75 корисници остваруваат исплата над 8.000 денари, додека 38 корисници имаат исплата меѓу 4.001 и 8.000 денари.

Во групата корисници со пензија над минималниот износ се опфатени 34 лица, со вкупна нето исплата од 303.066 денари. Просечниот износ на исплата кај оваа категорија изнесува 8.914 денари, а кај пет корисници исплатата е над максималниот износ.

Анализата покажува дека една од основните карактеристики на капитално финансираното пензиско осигурување е дека подолгиот период на членство овозможува акумулирање на поголем износ на средства на индивидуалната сметка и подолг период за оплодување. Тоа, како што е наведено во соопштението, се должи на континуираните уплати на придонеси, остварените приноси од инвестирањето и нивната понатамошна капитализација, што придонесува за постепен раст на средствата во текот на периодот на членство.

Корисниците опфатени со анализата се лица кои самостојно донеле одлука за продолжување на членството во вториот пензиски столб, што го потврдиле со потпишување Изјава за продолжување на членството.

Податоците за пензиската основица даваат информација за висината на која се врши пресметката на пензиите и даваат информација за висината на платата која ја остварувале корисниците на пензија.

Анализата обезбедува сеопфатен увид во бројот, структурата и карактеристиките на тековните корисници на пензија од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување. Истовремено, таа ја прикажува улогата на вториот пензиски столб во обезбедувањето пензиски надоместоци од индивидуално акумулирани средства и претставува основа за континуирано следење на развојот на системот. 

 

МИА