Македонија
30. July 2026 - 16:44

На Инфективна расте бројот на критични пациенти со западно-нилска треска

-Двајца пациенти со западно-нилска треска хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести  се во критична состојба и поставени на респиратор. 76 годишниот скопјанец повеќе од една недела е на одделот за интензивно лекување и на механичка вентилација а од утринава е и 66 годишен пациент исто така од Скопје кој на Инфективна бил примен пред 4 дена но дошло до влошување на неговата состојба. 

- Кај овој пациент, 66 годишниот кој имаше влошување на состојбата поради што и берше интубиран денеска, исто така е пациент кој не патувал надвор од земјата. Но има куп коморбидитети, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за Инфективни болести.

Освен двајцата пациенти кои се на механичка вентилација, на Инфективна со вест најл вирусот има уште 5 лица кои според лекарите се во стабилна состојба. Сите се над 60 годишна возраст со коморбидитети и како што велат инфектолозите се најризична група за појава на тешката форма на вирусот. Дополнително, на Инфективна чекаат резултати за уште тројца сомнителни кои биле хоспитализирани со воспаление на мозокот.

- Се чекаат дополнителни лабораториски резултати од Институтот за јавно здравје. Постои големо сомнение дека може да се работи за истата инфекција, вели д-р Цана. 

Вирусот кај 80 проценти поминува без симптоми, околу 20 проценти имаат полесна клиничка слика и само еден процент може да завршат со невроинвазивна форма и болничка хоспитализација.

За вектор преносливите болести постојано заседава и Комисијата за заразни болести, а освен мапирање на местата од каде потекнуваат заразените, апелот до граѓаните е да спроведуваат лична заштита со користење на репеленти, соодветна облека и отстранување на застоена вода од дворовите. 

Годинава има околу 20 пациенти со болести што ги пренесуваат инфицирани комарци – најмногу се со западно нилска треска.