Втор круг локални избори во 18 општини во Косово, воведени дополнителни безбедносни мерки

Во 18 од 38-те општини во Косово, вклучувајќи го и главниот град Приштина, денеска се одржува втор круг од локалните избори, при што полицијата и обвинителството најавија дополнителни мерки со цел да се обезбеди мирно одвивање на изборниот процес, јавува Косовското радио и телевизија.
По првиот круг од локалните избори во Косово, кој се одржа на 12 октомври, стана јасно дека во 18 општини во земјата ќе има втор круг. Тоа се главниот град Приштина, општините Вуштри (Вучитрн) и Јужна Митровица во Северно Косово; Фуше Косово и Обилич во Централно Косово; Клина, Јуник и Пеја (Пеќ) во Западно Косово; Ѓакова (Ѓаковица), Раховец, Драгаш (Краковишта), Сухарека и Призрен во Југозападно Косово; Ѓилан (Гњилане), Мамуша, Витија (Витина) и Качаник во Југоисточно Косово.
Во главниот град Приштина на гласање во вториот круг одат досегашниот градоначалник Парпарим Рама од десноцентристичкиот Демократски сојуз на Косово и Хајрула Чеку од владејачкото левонационалистичко Движење „Самоопределување“, кој во моментов е министер за култура.
Косовското обвинителство во петокот објави дека ќе распореди 80 обвинители од целата земја во општините каде што се гласа денеска, со цел да се преземат адекватни и навремени мерки во случај на неправилности во изборниот процес.
Косовската полиција, исто така, соопшти дека вовела посебен оперативен план за спроведување на вториот круг од изборите, во рамките на кој на терен се распоредени дополнителни полициски службеници и координатори и се спроведени дополнителни обуки за да се обезбеди мирно одвивање на изборниот процес.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп: Американците немаат поблиски сојузници од Британците
-

Светска банка: Цените на енергенсите ќе пораснат за 24 отсто во 2026 година поради кризата на Блискиот Исток
-

Виктор Орбан предлага да се повлече од раководството на партијата ФИДЕС, одлуката ќе биде донесена во јуни
-

Иран: Ќе дозволиме премин низ Ормуската Теснина по војната само во согласност со протоколите
-

Трамп: Иран штотуку нè информираше дека се наоѓа во состојба на колапс
-

Уапсен 89-годшниот кој претпладнево со огнено оружје повреди пет лица во Службата за социјално осигурување и во суд во Атина
-

Доживотна казна затвор за Денис Асанов која ја уби штипјанката Борјанка Николова
-

Оштетени станари во Гостивар, фирма без лиценца им наплатила 208.500 денари за реновирање на зградата
