ВРЕДИ гледа вмешаност на ДУИ во скандалот на „Ќафасан“
ДУИ да не ги дезинформира институциите во Тирана. Копретседателот на ВРЕДИ, Билал Касами препозна вмешување на опозицијaта од албанскиот политички блок во непропуштањето на пратениците на ВРЕДИ во Албанија. Касами негира дека пратениците биле вмешани во организирањето на протестите против претседателот Еди Рама во Тирана.
-Ја молиме ДУИ политичката битка да ја продолжиме овде, во рамките на демократските процеси, во рамките на Уставот и законите, и да не инволвираат соседна држава, во овој случај Албанија. ВЛЕН политичката битка ја води во РСМ, не ја води во Тирана. Ако имало поединци кои во една или друга форма се идентификувале со ВЛЕН, нивно граѓанско право е да ги изразат своите ставови. Ова го расчистивме и со министерот за надворешни работи, г. Хоџа, дека ВЛЕН во ниту една форма не била вмешана во тоа што се случува во Тирана, вели Касами.
На случајот реагираше дури и опозицијата во Албанија. Лидерот на Демократска партија на Албанија, Сали Бериша остро го осуди задржувањето на функционерите на ВРЕДИ на Ќафасан. Го обвини Рама дека тројцата функционери, иако имале дипломатски пасоши биле третирани како терористи.
-Овој чин е сериозен удар врз добрососедството со соседната земја и претставува вулгарен обид да се обвинат соседите и другите за најмоќниот граѓански младински протест во земјата во последните 35 години. Му гарантирам на Еди Рама дека неговата казна е без спас, без враќање. Нека ги затвори границите од сите четири страни, но Албанците дефинитивно му го отсекоа патот, вели Бериша.
Вчера претставник на албанската амбасада во земјава бил на средба во Министерство за надворешни работи на кој било побарано објаснување за одлуката на албанските власти да не дозволат влез на тројцата фунцкионери на ВРЕДИ.
Партијата синоќа одржа состанок на централното лидерство. Објавата по состанокот е на линија со денешната изјава на Касами и гледаат вмешаност на ДУИ во скандалот.
Тројцата пратеници одбиле да влезат во Албанија откако влез му бил забранет на четврто лице кое патувало со нив, а чиј идентитет во моментот е непознат. Според објаснувањето на албанската полиција, постоела законска пречка да се овозможи тоа лице да влезе на територијата на Албанија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
