Македонија
17. August 2026 - 12:10

Во Штип одбележани 34 години од формирањето на Армијата: „Гордост е да се биде нејзин припадник“

Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска беа одбележани 34 години од формирањето на Армијата на Република Северна Македонија, во пресрет на 18 Август – Денот на Армијата. На свеченоста беше истакнато историското значење на 18 август 1943 година, кога на падините на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, првата организирана воена единица на македонската војска.

Командантот на Вториот пешадиски баталјон потполковник Ристо Стоев во своето обраќање по повод 18 август-Денот на Армијата истакна дека овој ден е симбол на воената традиција, на пожртвуваноста и храброста на генерациите кои, како што рече „пред нас ја носеле одговорноста да ја штитат татковината, но и на професионалноста и посветеноста на денешните припадници на Армијата“.

- Гордост е да се биде припадник на Армијата, чии корени длабоко се протегаат во историјата на македонскиот народ. Таа традиција е втемелена во вековната борба и стремеж за слобода и самостојност, во која македонските воини, востаници и борци со храброст и пожртвуваност го трасираа патот кон слободата. Патот кон создавањето на македонската Армија е нераскинливо поврзан со стремежиrе и делата на нашите претходннци и великани од пред илинденскиот и илинденскиот период кои со својата храброст и пожртвуваност го запалија факелот на слободата, на борците од НОБ на Македонија кои со одлуките на АСНОМ ги удрија темелите на современата македонска држава-рече Стоев.

Стоев се осврна и на најважните настани на развојот на Армијата во изминатите 34 години. Посочувајќи дека по осамостувањето на 8 септември 1991 година и повлекувањето на тогашната ЈНА, македонскиот народ го оствари својот вековен стремеж за независна, суверена и самостојна држава и токму во новосоздадените услови, државното раководство и граѓаните, по мирен пат, започнаа со изградба и воспоставување на институциите на самостојната македонска држава.

- Со донесување на Законот за одбрана на 14 февруари 1992 година се дефинираше и системот на одбраната, а Армијата стана еден од главните столбови на македонската државност и гарант на македонската сувереност. Во сложени и неизвесни безбедносни услови и со ограничени ресурси, се формираше Армијата со сопствени сили и капацитети. На 27 март 1992 година, Армијата ја презеде целосната контролаи одговорност за обезбедување на територијата на државата. Нејзиниот развој започна со регрутен состав, кој низ годините постепено се трансформираше во современа, целосно професионална армија, оспособена и обучена во согласност со современите воени стандарди-вели Стоев.

Тој во својот говор рече и дека со пристапувањето кон иницијативата „Партнерство за мир“ во ноември 1995 година, Армијата активно започна да учествува во многу процеси и вежбовни активности како партнер на севрноатлантската Алијанса. Во 1996 година, единица на Армијата, за првпат, учествуваше на мултинационални воени маневри „Мировен орел ’96“ надвор од границите на нашата држава, по што следеа бројни мултинационални и национални воени вежби во земјата и странство, кои кулминираа со реализација на вежбата „Immediate Response 25“, со учество на повеќе од 2.200 армиски припадници од седум земји членки на НАТО и две НАТО партнер-земји на армискиот полигон Криволак. 

- На ова се надоврза и вежбата „БЛЕСОК 26“, како продолжение на серијалот „Македонски Блесок“, во рамките на која беше реализирано оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) како НАТО декларирана единица, согласно стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО - достигнување на кое, како единица, сме особено горди, бидејќи го претставуваме јадрото на баталјонската група. На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО, со што го потврди своето стратешко определување за заедничка безбедност, стабилност и мир. Со членството во Алијансата, Армијата стана дел од најмоќниот колективен безбедносен систем, преземајќи нови одговорности и обврски – кои од нас бараат високо ниво на професионализам, интероперабилност и подготвеност, но и отворајќи нови можности за развој на своите способности- истакна Стоев. 

Тој во своето обраќање пред припадниците на македонската Армија и гостите од општинските и државните институции од Источниот Регион истакна дека преку учеството во заеднички вежби и операции, нашите припадници рамноправно придонесуваат кон колективната безбедност и ја потврдуваат подготвеноста да застанат рамо до рамо со сојузниците.

- Значењето на нашето членство и придонесот на нашата Армија во колективната безбедност беше потврдено и со неодамнешните посети на највисоки претставници на НАТО. Посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и посетата на врховниот сојузнички командант за Европа, генералот Алексус Гринкевич, претставуваат значајно признание за професионалноста, посветеноста и придонесот на припадниците на Армијата. Тие посети се уште една потврда дека Република Северна Македонија не е само корисник на колективната безбедност, туку активен и ценет сојузник, кој со своите способности и со своите луѓе придонесува кон безбедноста и стабилноста на Алијансата-пoтенцираше Стоев.

Тој забележа дека Армијата својата вредност не ја покажува само во услови на криза, туку таа секојдневно ја потврдува преку обуката и вежбите, учеството во меѓународни операции, помошта на населението и поддршката на институциите кога тоа е потребно.

Припадниците на македонската Армија во изминатите години учествувале и во меѓународни операции во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина, Либан, Централноафриканската Република, Косово, Латвија, Романија и Бугарија.

- Нашата Армија не отстапи ниту во најтешките моменти кога татковината и граѓаните имаа потреба од нејзината помош. Во изминатиот период, припадниците на Армијата беа ангажирани во справувањето со последиците од природните непогоди, учествуваа во гаснењето на пожарите на повеќе од 30 локации низ територијата на државата и дадоа свој придонес во поддршката на институциите при справувањето со последиците од трагичниот пожар во Кочани-рече Стоев.

На свеченоста беше нагласена и потребата од постојано модернизирање и прилагодување кон современите безбедносни предизвици, вклучително и развојот на нови технологии, беспилотни системи, сајбер-просторот и електронското војување.

- Современото безбедносно опкружување пред нас поставува нови и сложени предизвици. Промените во начинот на водење на воените операции, развојот на новите технологии, информациските операции и сајбер-просторот, беспилотните системи, електронското војување и потребата од брзо донесување одлуки бараат од нас постојано учење, прилагодување и унапредување. Затоа, нашата најголема сила мора да останат луѓето – обучени, мотивирани и професионални припадници кои знаат дека секоја задача, без разлика колку е сложена, мора да биде извршена совесно и одговорно. Пред нас се нови задачи, нови предизвици и нови одговорности. Од нас се очекува да бидеме подготвени, професионални и единствени. Да продолжиме да ги градиме способностите на Армијата, да го чуваме нејзиниот углед и да ја оправдуваме довербата која ни ја даваат граѓаните на нашата држава-подвлече Стоев. 

По повод 18 Август – Денот на Армијата, на свеченоста беа наградени офицери и професионални војници.

 

МИА