Македонија
26. August 2026 - 20:54

Во село Гари отворена спомен соба на копаничарот Петре Филиповски - Гарка | ФОТО

„Од твоето Гари до Света Гора! Ни остави наследство и тежок товар — да го чуваме наследството создадено од тебе, да не паднеш во заборав и некои други да не те присвојат! Горди сме што сме твои.“

Овие реченици ги изговорија гарчани на свеченото отворање на спомен-собата на големиот македонски копаничар Петре Филиповски – Гарката, роден токму во Гари, од каде што тргнал да ги живописува црквите ширум Балканот.

За гарчани важи правилото: каде и да си, за Голема Богородица во Гари да си! Токму затоа, во предвечерјето на големиот христијански празник, неколкумина вљубеници во Гари, како аманет од нивните предци — татковци, дедовци и прадедовци — смогнаа сили да ја создадат спомен-собата за големиот копаничар Гарката.

Собата изобилува со битови елементи: од мала масичка и троножни столчиња за седење, до голем број предмети што биле дел од една куќа во Мијачијата. На другиот крај од собата т.н. работен дел — исклучително важно е да се спомене — доминира импозантна слика од копаничарот, дело на академската сликарка Виолета Сиљан Македонска.

Значаен детаљ е што во работниот дел гарчани се потрудиле да пронајдат и постават копаничарска маса со две менгемиња, стара повеќе од 100 години. Во две посебни витрини сместени се алатите што ги користеле копаничарите за работа, како и библиотека од стотина книги со теми од копаничарството, веронауката, македонскиот јазик и културата.

— Можеби најголемата вредност на Петре Гарката е тоа што тој никогаш не го заборавил својот корен. Од едно мало село, Гари, тргнал мајстор чии дела останале во најзначајните православни храмови и манастири. Неговата тајфа работела на иконостасот во манастирот „Свети Гаврил Лесновски“, на прочуениот иконостас во црквата „Свети Спас“ во Скопје, на делата во Призрен, а своето врвно монументално остварување го оставила во манастирот „Свети Јован Бигорски“ — рече пред присутните Стево Лазаревски, претседател на МЗ Гари.

Подготовката на спомен-собата за Петре Филиповски – Гарката траеше повеќе од една година. Вложени се средства преку донации, а свој придонес и помош дадоа и дебарско-кичевскиот владика г. Георгиј со импозантна резба, негови авторски книги и совети, како и професорот Ратомир Гроздановски, кој подари свои авторски дела. Книги донираа и Институтот за македонски јазик, издавачката куќа „Матица“ и МАНУ, од каде што гарчани добија несебична поддршка за реализација на целиот проект.

— Идејата ја имавме и моравме да ја реализираме. Мило ми е што по повеќе од една година огромен труд оставаме нешто за идните генерации, кои преку оваа спомен-соба ќе можат да научат нешто ново и поинакво од она што го нуди секојдневието. На нашите идни поколенија им останува да го негуваат споменот за големината и креативноста на Гарката, грижејќи се за оваа спомен-соба која ќе биде отворена за секој добронамерник — изјави Горан Ристески, еден од иницијаторите за спомен-собата.

Спомен-собата за великанот Петре Филиповски – Гарката беше свечено отворена. Сега гарчани ги чекаат Мајовци, кои со своите зурли и тапани ќе ја развејат вековната традиција пред Голема Богородица — да се соберат на среде село, да се видат, да помуабетат и да го развиорат орото.