ВМРО-ДПМНЕ со двојно повисок рејтинг од СДСМ, албанската опозиција се доближува до ДУИ
ВМРО-ДПМНЕ е во речиси двојно водство пред актуелната владејачката партија СДСМ на само 6 месеци пред изборите. Ова го покажува последната телефонска анкета на ИПИС спроведена пред четири дена на 1055 испитаници.
Од одговорите може да се заклучи дека речиси 50 отсто од граѓаните сѐ уште не одлучиле за кого ќе гласаат и одговориле со не знам, не сакам да кажам или нема да гласам. Од определените, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 20,3 % од испитаниците, а за СДСМ 11,3%. Споредено со претходната анкета на Институтот од мај, рејтингот на опозицијата пораснал за речиси процент, додека на власта паднал за повеќе од 1,5 отсто. Во албанскиот блок ДУИ има рејтинг од 5,6 отсто, БЕСА - 2,3, Алијанса на Албанците – 2, Алтернатива - 1,8 и Демократско движење - 1 отсто.
Партиските рејтинзи ги следат и личните рејтинзи на политичарите. Убедливо водство има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски со поддршка од 16,5 отсто, потоа следи Али Ахмети со 6,1 отсто, а на трето место е премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски со рејтинг од 5,6 проценти.
Големо мнозинството од граѓаните што сметаат дека парламентарните и претседателските избори наредната година треба да се одржат заедно – дури 66,6 отсто од испитаниците. Поддршка за оваа идеја даваат и приврзаниците на опозицијата и оние на власта.
За власта анкетата е партиска нарачка.
Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на Институтот. Телефонската анкета била спроведена од 25 до 27 октомври, на репрезентативен примерок.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
