Власта ќе го одблокира заемот од 260 милиони евра што го блокираше СДСМ
Мнозинството уште утре, преку Гаши, ќе проба да го одблокира задолжувањето од 260 милиони евра, кое вчера СДСМ го блокираше на Комисијата за финансирање и буџет. Со ова тело раководи Лукаревска, која вчера, иако ја почна седницата на собраниското тело, ја прекина расправата за заемот и не ја продолжи. Власта сега бара собранискиот спикер да ја искористи деловничката можност да назначи претседавач на Комисијата доколку претседателот на собраниското тело не го прави тоа, бидејќи, како што велат, парите се неопходни за проекти.
Според најавите, Комисијата за финансирање и буџет ќе се одржи уште утре, а со неа ќе раководи токму Стојановски.
Од СДСМ, пак, децидни дека задолжувањето не смее да помине, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ за само две години ја задолжиле државата со 2,3 милијарди евра.
„Овие пари не се за развој на државата – тие се за нови тендери на организираната криминална група. Не даваме нови задолжувања! Нема да ни ги претворите децата и внуците во должнички робови. Доста е повеќе со ограбувањето на народот!“
И за опозициската Левица заемот бил прескап.
„Граѓаните треба да знаат дека ова не е евтин кредит, туку скапо комерцијално задолжување со огромни ризици и вкупни трошоци од над 25,6%. Македонија денес зема 260 милиони евра, а ќе враќа над 326 милиони евра. Само за камати и провизии граѓаните ќе платат над 66 милиони евра повеќе. Тоа е цената на неспособноста на оваа власт.“
Според објаснувањето на Министерството за финансии, заемот се зема за вложувања во капитални инвестиции и сервисирање на обврски од буџетот. Државата се задолжува кај конзорциум од осум банки, со рок на отплата од шест години, при што три години се грејс-период.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
