Владата набави лиценци за 10 милиони евра поскапо од претходниот договор со истата фирма
За сајбер безбедност државата во следните три години ќе плаќа рекордни 25 милиони евра.
Според договорот објавен на системот за јавни набавки, софвтерските лиценци и сервиси за јавната администрација и во следните три години ќе ги обезбедува Аитоникс, истата компанија која го доби тендерот и пред три години, но овој пат за 10 милиони евра повеќе.
Иако најниската понуда била главен критериум на тендерот, сепак Владата во овој случај не ја избрала фирмата со пониска понуда од 21 милион евра.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува за нов милионски скандал со народни пари.
„Се поставува прашањето како е можно договор за лиценци којшто пред 3 години вредел 15 милиони евра, сега да тежи над 26 милиони долари?
Во кој дел владата во овие три години го напреднала работењето, услугите на администрацијата, за да сега за лиценци и компјутерски програми плаќа дури 26 милиони долари, односно дури 9 милиони евра повеќе?
И можеби најважното, како е дојдено фирмата потписник со Драги Рашковски во очи на избори, да склучува договор со владата на три години со рекордна цена од над 26 милиони долари? Нема за лекови, нема за учебници, нема за пензии, нема за плати, ама на 1-ви септември владата има 26 милиони долари за лиценци за софтвери“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Владата појаснуваат дека цената на понудите не била земена предвид бидејќи единствено фирмата Аитоникс ги исполнила потребните услови, но повеќе информации засега нема.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
