Генералка викенд
Во рамки на еколошката акција „Генералка викенд“, во Штип и денеска продолжи расчистувањето на дивите депонии и градежниот шут. На терен се ангажирани градежни машини за отстранување на шутот, додека поголема група учесници собираат расфрлан отпад, пластични ќеси и амбалажа.
Во акцијата се вклучени јавните претпријатија, Армијата, пожарникарите, локалната самоуправа, извидници, волонтери и граѓани.
-Навиките кои несовесните, неодговорните граѓани ги имаат е последователно овие локации да бидат претворени во диви депонии и овде навистина е потребна координирана активност помеѓу повеќе институции, вклучувајќи ги СВР-Штип, Шумска полиција, сите други институции кои се надлежни за спречување на овие девијатни појави, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Од Општината најавуваат дека расчистувањето ќе продолжи и во следните денови со дополнителен ангажман на механизација и екипи од јавните претпријатија. По завршувањето на активностите, на локацијата ќе бидат поставени видео камери и ќе се спроведува засилен надзор со цел да се спречи повторно создавање диви депонии.
-Граѓаните и компаниите кои ќе бидат фатени на лице место како го одлагаат отпадот, ќе бидат казнети согласно законските прописи. Законот предвидува за правните лица од 1000 до 1500 евра за фирмата, а 300 евра за одговрното лице во правното лице, изјави Борче Везенков, комунален инспектор, ЛС-Штип.
Инаку, локалната самоуправа во Штип веќе шест години активно учествува во акцијата „Генералка викенд“, која има цел подигање на еколошката свест и зачувување на животната средина.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
